Принцот Хари пристигна во Велика Британија, а во медиумите се појави веста дека и покрај позитивните прогнози за помирување со семејството, тој нема да го види својот болен татко, кралот Чарлс. Хари, исто така, нема да се сретне со Вилијам и Кејт, па се чини дека воспоставувањето добри семејни односи не е поблиску од порано.
Војводата од Сасекс денеска сам од Калифорнија отпатува во Лондон, без сопругата и децата, за да присуствува на 10-годишнината од Игрите „Инвиктус“, на кои тој е основач. Принцот Хари верувал дека за време на оваа посета на Велика Британија ќе се сретне со својот татко со кој веќе извесно време е во затегнати односи, но овој план пропаднал бидејќи кралот Чарлс има „преполн распоред“.
Работите да бидат уште полоши, Хари присуствуваше на настан денес на место на помалку од пет километри од резиденцијата на Чарлс. Сепак, средбата на таткото и синот не се случи!
„Одговорот на многуте прашања и тековните шпекулации за тоа дали војводата ќе се сретне со својот татко додека е во Велика Британија оваа недела е дека, за жал, тоа нема да биде можно поради презафатениот распоред на Неговото Височество. Војводата, се разбира, ги разбира неговите обврски и распоредот и разните други приоритети и се надева дека ќе го види наскоро“, изјави денеска портпаролот на Хари.
На оваа вест реагираше и кралскиот аналитичар Ричард Палмер кој ја нарече „изненадувачка“.
„Би било изненадувачки доколку кралот и Хари всушност воопшто не се сретнат и можеби тоа е знак за тоа колку повеќе е потребно за да се изгради мост меѓу нив. Имаше многу медиумски шпекулации за средбата на таткото и синот. Иако отсекогаш тоа било на ниво на шпекулации, претпоставував дека ќе се видат“, прокоментирал Палмер.
Да потсетиме дека Хари и Чарлс последен пат се видоа во февруари оваа година, по шокантното сознание дека кралот боледува од рак.