ПОЦ: Претпријатието не го регулира паркирањето кај „Пролет“ и таблата не е поставена од наша страна

Во близина на полициската станица „Пролет“од пред неколку денови поставена е табла на кој стои дека паркингот се наплаќа 60 денари од час, на таблата стои и логото на општинското претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.

По реакциите на граѓаните, Скопје Инфо побара став од општинското претпријатие од каде велат дека тие не стопанисуваат со конкретната локација и дека таблата не е поставена од нивна страна.

„ЈП Паркинзи на Општина Центар ве информира дека на наведената локација не е воведено зонско паркирање и нема одлука за воведување. Претпријатието ниту денес ниту во изминатиот наведен период не постапува, односно вработените контролори на ЈП ПОЦ не го регулираат паркињето на наведената локација. Таблата на сликата не е поставена од страна на ЈП ПОЦ, а и дизајнот на истата не соодветствува со сегашниот дизајн на таблите на претпријатието, кој се користи веќе неколку години“, се вели во одговорот од ПОЦ.

Од таму додаваат дека ќе ја разгледаат можноста за пријава и правно постапување против сторителот.

Четврток и петок неработни денови во Македонија

24 мај – Денот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.

Но, еден ден претходно на 23 мај ќе одмараат сите оние кои се од влашка националност, поради Денот на Власите кој се паѓа во четврток.

Согласно со Законот за празниците на Република Македонија (Сл.весник на РМ број 21/98 и 18/07) во 2024 година неработни денови се:

За сите граѓани на РСМ

24 мај (петок) „Св. Кирил и Методиј“- Ден на сесловенските просветители,

02 август (петок), Ден на Републиката,

8 септември (недела), Ден на независноста, односно 09 септември (понеделник) е неработен ден

11 октомври (петок), Ден на народното востание,

23 октомври (среда), Ден на македонската револуционерна борба

8 декември (недела), “Св. Климент Охридски”, односно 09 декември (понеделник) е неработен ден.

За граѓаните од православна вероисповед

03 мај (петок), Велики Петок, петок пред Велигден,

21 јуни (петок), Духовден, петок пред Духовден,

28 август (среда), Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица).

За граѓаните од католичка вероисповед

01 ноември (петок), Празникот на сите светци,

25 декември (среда), првиот ден на Божик.

За граѓаните од муслиманска вероисповед

16 јуни (недела), Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам

За граѓаните припадници на албанската заедница во РСМ

22 ноември (петок), Ден на албанската азбука

За граѓаните припадници на влашката заедница  во РСМ

23 мај (четврток), Национален ден на Власите

За граѓаните припадници на еврејската заедница во РСМ

12 октомври (сабота), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур

За граѓаните припадници на бошњачката заедница  во РСМ

28 септември (сабота), Меѓународен ден на Бошњаците

За граѓаните припадници на турската заедница во РСМ

21 декември (сабота), Ден на настава на турски јазик

Ова е 55 годишната Лела која беше убиена од својот партнер Никола

Лела С.(55) е убиена пред 5 дена во Нов Белград. Животот ѝ го одзел нејзиниот емотивен партнер Никола Л.(45) кој ја избодел со нож, а потоа си го пресекол грлото.

Многу пријатели на социјалните мрежи се простија од Лела со болни пораки.

„Лела не беше само драга пријателка, туку и нежна мајка за својот син Рашко. Лела засекогаш ќе живее во нашите срца и сеќавања како љубезна, нежна и мила личност.

Да потсетиме, во станот бил синот на жртвата Р.М.(23), кој, според неофицијалните информации на Телеграф, истрчал од станот за помош, но напаѓачот за тоа време го заклучил станот.

„Прво се скарале, а синот, гледајќи што се случува, истрчал од станот по помош, но Никола го заклучил станот, што значи дека бил решен во намерата да ја убие“, вели изворот на Телеграф.

Како што се претпоставува, вратата од станот била насилно отворена од синот кој наишол на грозоморна сцена.

Неговата мајка била избодена, додека нејзиниот емотивен партнер бил со пресечено грло. Жената давала знаци на живот, но набргу починала.

Како што дознавме, полиција повикала сосетка кој слушнала лелеци од станот. Истрагата за ова убиство и самоубиство ја води обвинителот на Вишото јавно обвинителство во Белград.

РКЕ донесе одлука: Горивата поевтинуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.

Од 21.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: 

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 83,00 (денари/литар) 

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 85,50 (денари/литар) 

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар) 

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар) 

Мазут М-1 НС 42,629 (денари/килограм) 

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 1,50 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,306 ден/кг и сега ќе изнесува 42,629 ден/кг.

Популарно