Уште еден приведен за убиството на матичниот лекар во Железара

Уште едно лице е приведено за поврзаност со убиството на матичниот лекар во Железара кој беше пронајден во своето возило „киа рио“ со девет убодни рани. 

Информацијата ја потврди техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.

-Приведени се вкупно три лица.Претресот е завршен во доцните часови. Се продолжува со други истражни дејствија, се со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Така што, за нови дополнителни информации, јавноста ќе биде дополнително известена, рече Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање во Струмица.

Доцна синоќа полицијата вршеше претрес во скопска Автокоманда. Приведе двајца, кои се се уште на распит во полициска станица. Од Јавното обвинителство не откриваат многу детали, но велат дека мотивите допрва ќе се утврдуваат.

Вчера во подкастот „Претрес“, Тошковски кажа дека според првичните информации, убиството не е поврзано со неговата дејност.

Во четвртокот вечерта, околу 23:00 часот, матичниот доктор Ацо Трповски беше пронајден мртов со девет убодни рани на паркингот пред Поликлиниката Железара. Го нашле неговите синови кои почнале да го бараат откако не се вратил дома во предвиденото време. 

Мазутот поевтинува, цената на бензините и дизелот не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53% во однос на одлуката од 7.5.2024 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,939%, кај дизелот за 1,523%, кај екстра лесното масло за 1,341% и кај мазутот намалувањето е за 3,608%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,015%.

Од 10.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 86,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 88,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 74,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 44,609 (денари/килограм)

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,223 ден/кг и сега ќе изнесува 44,609 ден/кг.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.5.2024 година.

Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Возило излетало од коловозот на патот Македонска Каменица - Виница, возачот починал

Патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, синоќа, излетало од коловозот на магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, по што на самото место починал возачот, а сопатникот се здобил со тешки телесни повреди.

Како што соопшти МВР, сообраќајната несреќа била пријавена синоќа во 22.20 во Полициската станица Виница.

-На магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, излетало од коловозот. На местото на несреќата од здобиените повреди починал возачот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Сопатникот Д.Г.(33) од Делчево се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје, наведуваат од МВР

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Виница.

Бојмацалиев: Вечна слава на загинатите припадници на македонската полиција во Диво Насеље

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, државната секретарка Магдалена Несторовска, претставниците од единиците при Оддел за специјални полициски операции, како и раководството на СВР Куманово, денеска положија цвеќе пред спомен обележјето пред СВР Куманово, по повод девет години од вооружениот судир помеѓу македонската полиција и терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, соопшти МВР.

-Утрото на 9 мај 2015 година ние кумановци се разбудивме со звуци од бомби, пукотници и растревожени лелеци од сограѓаните … „Диво Насеље“ гореше, и за брзо се прошири веста за загинатите колеги, припадници на македонската полиција, во вооружен судир со терористичка групација. Најскапоценото, својот живот во одбрана на Македонија, го дадоа припадниците на специјалните единици на македонската полиција. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава! Никогаш да не се заборави!, напиша Бојмацалиев на социјалните мрежи.

Популарно