Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Националниот ден на Власите - 23 Мај, неработен за припадници на влашката заедница

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека 23 мај 2024 година (четврток), Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија  согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07).

Министерството за труд и социјална политика, воедно, на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија им го честита Националниот ден на Власите.

Касами: Добро оди целата процедура за договорање на следната влада

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами денеска од Тетово информира дека добро оди целата процедура за договорање на следната влада. Според него, се разговара за принципите на функционирање на следната влада, се усогласуваат програмите и слично.

Тој на настанот „Отворен ден“ во организација на средните училишта во Тетово изрази надеж дека преговорите како резултат ќе имаат влада која, како што рече, ќе биде компететна, со професионалци, која ќе биде со луѓе кои ќе работат за државата и за граѓаните без разлика на нивната етничка припадност.

-Ние сме свесни дека во една мултиетничка држава и општество како што е Македонија не можат сите министри да бидат Албанци и Македонци. Но што е важно било кој да биде во едно министерство треба да работи за сите граѓани без разлика на етничка и верска и друга припадност. Во оваа фаза имаме разбирање меѓу партнерите кои ја договараат следната Влада дека без разлика кој каде ќе седне на која фотеља, ќе треба да работи за сите граѓани. Ова е многу важно за нас затоа што во минатото иако имаше многу министерства кои беа предводено од Албанците,ниту тие министерства не работеа и доволно за Албанците и за другите и за Македонците и другите граѓани.Значи етничката припадност за нас не е најаважна за да ние го реализираме тоа што го имаме ветено, изјави Касами.

На прашањата дали е познато колку министерски места ќе се распределат меѓу партнерите, Касами потенцира дека кога ќе има краен договор ќе им го соопштат на јавноста.

-Тоа е дел од стратегијата за преговарање, ние може да бараме и пола Влада, може да ни се понуди и многу малку, но на крај ќе дојдеме до тоа што ќе биде најсоодветно за сите партнери во следната Влада. Што е најважно, во интерес на граѓаните, рече тој.

За изјавата на Али Ахмети дека прегласувањето во среда може да донесе меѓуетнички тензии, Касами со коментар оти тоа било во минатото.

-Секој си зборува со тоа што знае да го прави. Али Ахмети, така договарал во минатото и така постапувал во минатото. Али Ахмети знае како ги добил и овие мандати кои ги добил сега. Затоа е во паника. Ние едноставно кажуваме да им дадеме можност на граѓаните во среда да излезат и да гласаат. Ако тој е сигурен во тие гласови што ги добил, треба да биде мирен дека пак ќе ги добие. Ако знае дека ги добил на начин кој не е демократски, не е фер, не е слободна волја на граѓаните, затоа е во паника. Ние кажуваме дека треба да создадеме услови во среда и тие граѓани да излезат и да гласаат во слободна волја за да може да кажеме кој ќе биде нивен претставник во Собранието. Ние се надеваме дека ќе имаме добар резултат, изјави лидерот на Движењето Беса.

Касами соопшти дека нема да биде пратеник и ќе ја задржи градоначалничката функција. 

Тешко повреден велосипедист во сообраќајка на Средно Водно

На 19.05.2024 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат на Средно Водно во Скопје, патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.М.(63) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.М.(36) од Нераште. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот Б.М., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

Популарно