Меѓународниот ден на трудот ќе се одбележи со првомајски протест

Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, се дел од барањата што денеска Сојузот на синдикати ќе ги испорача на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот. 

Синдикатот бара и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.

Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.

- Неколку години наназад протестите станаа заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите и претставниците на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот, туку единствено и исклучиво работат за своите интереси. Сведоци сме дека додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот или воопшто не се зголемуваат, функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78 проценти, се наведува во Првомајскиот проглас на ССМ.

Оценка на ССМ е дека има зголемено кршење на работничките права, а новиот закон за работни односи не се носи веќе шест години, додека последнава година, како што посочуваат, воопшто не се работело на него, односно не биле одржани расправи за надминување на разликите во креирањето на законот меѓу социјалните партнери.

Оттаму нагласуваат дека кај нив има над 10.000 обраќања за прекршени работнички права, а според ССМ, преседан е и тоа што измената на Законот за работни односи со која е воведена можноста за 72 часовна работна недела е направена без социјален дијалог и учество на ССМ како репрезентативен синдикат.

Атак на синдикализмот во државата, според ССМ, е и пресудата на Врховниот суд со која после 18 години судски спор и повеќе од 8 пресуди во корист на ССМ, се одзема Работничкиот дом.

[Сојузот на синдикати на Македонија  бара да се преземат напори за да им се помогне на работниците, претпријатијата и јавните служби да ја надминат кризата предизвикана од коронавирусот.]

- На идната Влада, ние работниците и порачуваме дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките и граѓанските права, во спротивно ќе продолжи трендот на штрајкови и протести како единствен облик на синдикална борба за работничките права и интереси, се наведува во Промајскиот проглас на ССМ.

Меѓународниот ден на трудот се празнува секој 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Овој празник се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден. Во знак на почит кон жртвите од штрајкот, Втората интернационала на Основачкиот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. 

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во државава има статус на државен празник и до 2006 година се празнуваше два дена, а од 2007 година се празнува само на 1 мај.

Касами: Добро оди целата процедура за договорање на следната влада

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами денеска од Тетово информира дека добро оди целата процедура за договорање на следната влада. Според него, се разговара за принципите на функционирање на следната влада, се усогласуваат програмите и слично.

Тој на настанот „Отворен ден“ во организација на средните училишта во Тетово изрази надеж дека преговорите како резултат ќе имаат влада која, како што рече, ќе биде компететна, со професионалци, која ќе биде со луѓе кои ќе работат за државата и за граѓаните без разлика на нивната етничка припадност.

-Ние сме свесни дека во една мултиетничка држава и општество како што е Македонија не можат сите министри да бидат Албанци и Македонци. Но што е важно било кој да биде во едно министерство треба да работи за сите граѓани без разлика на етничка и верска и друга припадност. Во оваа фаза имаме разбирање меѓу партнерите кои ја договараат следната Влада дека без разлика кој каде ќе седне на која фотеља, ќе треба да работи за сите граѓани. Ова е многу важно за нас затоа што во минатото иако имаше многу министерства кои беа предводено од Албанците,ниту тие министерства не работеа и доволно за Албанците и за другите и за Македонците и другите граѓани.Значи етничката припадност за нас не е најаважна за да ние го реализираме тоа што го имаме ветено, изјави Касами.

На прашањата дали е познато колку министерски места ќе се распределат меѓу партнерите, Касами потенцира дека кога ќе има краен договор ќе им го соопштат на јавноста.

-Тоа е дел од стратегијата за преговарање, ние може да бараме и пола Влада, може да ни се понуди и многу малку, но на крај ќе дојдеме до тоа што ќе биде најсоодветно за сите партнери во следната Влада. Што е најважно, во интерес на граѓаните, рече тој.

За изјавата на Али Ахмети дека прегласувањето во среда може да донесе меѓуетнички тензии, Касами со коментар оти тоа било во минатото.

-Секој си зборува со тоа што знае да го прави. Али Ахмети, така договарал во минатото и така постапувал во минатото. Али Ахмети знае како ги добил и овие мандати кои ги добил сега. Затоа е во паника. Ние едноставно кажуваме да им дадеме можност на граѓаните во среда да излезат и да гласаат. Ако тој е сигурен во тие гласови што ги добил, треба да биде мирен дека пак ќе ги добие. Ако знае дека ги добил на начин кој не е демократски, не е фер, не е слободна волја на граѓаните, затоа е во паника. Ние кажуваме дека треба да создадеме услови во среда и тие граѓани да излезат и да гласаат во слободна волја за да може да кажеме кој ќе биде нивен претставник во Собранието. Ние се надеваме дека ќе имаме добар резултат, изјави лидерот на Движењето Беса.

Касами соопшти дека нема да биде пратеник и ќе ја задржи градоначалничката функција. 

Тешко повреден велосипедист во сообраќајка на Средно Водно

На 19.05.2024 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат на Средно Водно во Скопје, патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.М.(63) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.М.(36) од Нераште. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот Б.М., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

Поевтинуваат горивата ова се новите цени

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,601%, кај дизелот за 0,751%, кај екстра лесното масло за 1,310% и кај мазутот намалувањето е за 2,450%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,368%.

Од 21.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 83,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 85,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 42,629 (денари/килограм)

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 1,50 ден/лит.

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,306 ден/кг и сега ќе изнесува 42,629 ден/кг.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.5.2024 година.

Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, стои во соопштението на РКЕ.

Популарно