Неколку скопски општини денес без струја

Поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од скопските општини Петровец, Ѓорче Петров и Сарај, соопшти РЦУК – Скопје.

Во периодот од 08:30 до 14:30 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците од селото Кожле, Тунел Катланово и селото Бадар во Општина Петровец.

Во периодот од 09:00 до 11:00 часот без струја ќе бидат корисниците од улицата „52“ кон обиколница во Стопански Двор во Општина Ѓорче Петвов.

Во периодот од 09:00 до 11:00 часот без електрична енергија ќе останат дел од корисниците во Сарај кај општината во Општина Сарај

Нова промена на цените за осигурителни полиси

Се вратија пониските цени на полисите за осигурување. Владината одлука е објавена во Службен весник попладнето на 7 мај, а намалените цени осигурителните компании почнаа да ги применуваат од денеска.

Дали ќе ги вратат парите на граѓаните кои плаќаа поскапи полиси изминативе две недели – се уште немаат став. Дополнително ќе ги консултирале правниците, но неофицијлано велат дека нема ни начин, ни основ за враќање на парите.

Процесот би бил сложен, затоа што полисите се продавале прегу агенти, на кои им плаќаат од 20 до 40% од вредноста на полисата. Но, ако некое осигурително друштво сака, може да им ги компензира парите во полисата за следната година.

Сепак, конечен став Групацијата на осигурителни компании, најавија за следниве денови. Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето велат дека неделно во просек се регистрираат околу 10 илјади автомобили. Но, заради празниците и изборите, од 25 април до денеска бројката на граѓани кои платиле од 840 до 1,600 денари повеќе би била таа.

И додека се чека официјалниот став од Групацијата, реагираа само од Комората на Серозападна Македонија, кои велат дека:

– Амбиентот за водење бизнис станува дестимулирачки за локалните компании како и за странските инвестиции, со што, се оставаат долгорочни последици, но и во спротивност на ЕУ со законодавниот систем кој се уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување на автомобилите, што е спротивно на acquis на ЕУ.

Од комората додаваат дека со донесенатa одлука од страна на Комисјата за автоодговорност се ограничуваат ингиренците на другите релевантни фактори како што се компаниите, со која цените за автоодговорност се контролираат целосно од државата.

Течат роковите за приговори за изборите и инаугурација на новата претседателка

Роковите за приговори за Претседателски и Парламентарни избори до Државната изборна комисија (ДИК) завршуваат вечер во 19, односно 23:30 часот. ДИК вчера ги објави првичките официјални изборни резултати и вечер до 19 часот до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од Претседателските избори, по што според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова.

Според изборните резулатите од 100 отсто преброени гласови, што ги објави синоќа ДИК, Сиљановска Давкова освила 561.001 глас, а нејзиниот  противкандидат  и актуелен претседател  Стево Пендаровски  251.881 глас. Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина на СДСМ, 18, Коалиција ВЛЕН, 13, Левица, шест, и Движење ЗНАМ за наша Македонија исто така шест.

Во прелиминарните заклучоци  што ги изнесоа вчера  меѓународните набљудувачи, се наведува дека  изборите биле конкурентни, а основните слободи биле почитувани иако, како што потенцираат, процесот останува недоволно регулиран. Изборното законодавство, оценуваат, обезбедува соодветна рамка за одржување демократски избори, но празнините и двосмисленостите ја загрозуваат правната сигурност поради што е потребна нивна ревизија.

-За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР, и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа, останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата, рече на прес-конференција шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера на состанок ги постави контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партии, каде, како што објави лидерот Христијан Мицкоски, фокусот ќе бидат луѓето на прво место. – Економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи, напиша во објава на Фејсбук Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Тетово и претседател на Движењето Беса дел од Коалицијата „Влен“, Биљал Касами, пак, вели дека од понеделник се очекува да почнат разговорите за формирање на новата влада.

-Во текот на оваа недела ќе треба да ги имаме готови работните групи, а доколку не, за време на викендот и најверојатно од понеделник да почне официјализирањето на средбите и координацијата на активностите околу формирањето на владата. Секако, кадровските прашања ќе бидат дел од втората фаза на разговори. Она што е поважно е дека оваа коалиција ќе продолжи да биде гарант за интеграцијата на земјата во ЕУ и гарант за правата на Албанците, бидејќи изборите покажаа дека го добивме мандатот на Албанците да ги претставуваме и донесуваме одлуки кои се за доброто на сите граѓани и на државата кон европската интеграција, изјави вчера Касами.

На седницата за инаугурација Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава со што започнува да тече нејзиниот мандат. 

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на комисиите за надорешна политика, за одбрана и безбедност, за финансирање и буџет, како и Законодавно-правната комисија.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.  Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори. 

Мазутот поевтинува, цената на бензините и дизелот не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53% во однос на одлуката од 7.5.2024 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,939%, кај дизелот за 1,523%, кај екстра лесното масло за 1,341% и кај мазутот намалувањето е за 3,608%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,015%.

Од 10.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 86,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 88,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 74,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 44,609 (денари/килограм)

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,223 ден/кг и сега ќе изнесува 44,609 ден/кг.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.5.2024 година.

Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Популарно