Вучиќ: Испратив 14 писма до европските лидери да ја разгледаат одлуката за Косово во СЕ и резолуцијата за Сребреница

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија ги презела сите мерки и испратила писма до сите членки на Советот на Европа за да го спречи приемот на Приштина во таа организација, како и писмо до претседателот на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

– Напишав вкупно 14 различни писма до европските лидери, главно персонализирани писма. На сите им се обратив имајќи ги предвид специфичните околности и односи што ги имаме. На еден начин и до оние кои ја признаваат Приштина, а на друг начин и до оние кои не ја признаваат Приштина. Побарав уште еднаш да ја разгледаат одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа и одлуката на Комитетот на министри за Косово да биде поинаква, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека е јасно дека на Косово нема владеење на правото, дека таму се практикува терор и дека ЗСО не е формирана по 11 години.

– Посебно укажав на трикот што мислат дека ќе го искористат на 10 мај со испраќањето на нацртот на ЗСО предложен од Европејците до таканаречениот уставен суд на уставна оцена, по што секако нема да преземат ништо, да замачкаат очи и да обезбедат глас во Советот на Европа. Ние ќе продолжиме да работиме и да се бориме, за ова секако дека најдолго разговарав со францускиот претседател Емануел Макрон, кој вчера и завчера имаше разговори со Олаф Шолц. Ќе видиме како тоа понатаму ќе се одвива. А, ние ќе се држиме до меѓународните јавно-правни норми и до последен момент ќе се бориме за вистина и правда, рече Вучиќ.

Тој рече дека му напишал писмо и на претседателот на Генералното собрание на ОН и разговарал со него за резолуцијата за Сребреница.

– Писмото ќе го достави специјалниот пратеник Вук Јеремиќ, ќе ги пренесе сите мои вербални пораки, а ќе имаме специјални пратеници и на други адреси, рече Вучиќ.

Тој додаде дека вчера добил официјална потврда од Соединетите Американски Држави дека „исклучително силно ќе лобираат за резолуцијата за Сребреница“.

– Ќе одам во Њујорк да се борам против нивното лобирање и да разговарам со пријателски и слободољубиви земји, рече Вучиќ.

Мицотакис: Без почитување на Договорот од Преспа, патот кон Европа ќе остане затворен

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

- Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис, пренесе МИА. 

Видео: Полуматуранти од Црна Гора го запалија училиштето

Полуматуранти од Основното училиште во Доња Горица, Црна Гора, наводно го запалиле училиштето за време на матурската прослава.

На страницата на Инстаграм „Подгорички времеплов“ објавено е видео од пожарот, каде што е наведено дека пожарот бил предизвикан од факел.

„Полуматурантите со факел го прославија крајот на школувањето, а потоа го запалија училиштето во Доња Горица“, се наведува.

Премиерот Фицо е во свесна состојба

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, по неколкучасовната операција поради здобиените повреди во вчерашниот атентат, е во свесна состојба, објавија локалните медиуми.

Но, медиумите не наведуваат детали за здравствената состојба на Фицо, кој вчера беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ.

Напаѓачот е познатиот словачки писател Јурај Цинтула, кој тврди дека пукал во Фицо бидејќи не се согласувал со политиката на Владата.

Словачкиот премиер се здоби со повреди во градите и стомакот и со хеликоптер беше пренесен во болница, каде му беше извршена операција.

Популарно