Понеделник неработен ден за граѓаните од католичка вероисповед

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ  („Службен весник  на  РМ„ бр.21/98 и 18/07), 1 април 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, според Грегоријанскиот календар е неработен ден за граѓаните од католичка вероисповед во Република Северна Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.

Пендаровски се откажа од државна пензија

Поранешниот претседател Стево Пендаровски се откажа од правото на користење државна пензија, и одлучил да и се врати на академската кариера.

- Кaко поранешен претседател, Пендаровски нема да ја користи државната пензија која му следува по закон, затоа што веќе се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, потврдија за МИА од неговиот тим.

Претставници на Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават. 

Пендаровски ќе користи и канцеларија со тројца вработени од неговиот поранешен кабинет.

-Во однос на административната и логостичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател, се посочува во изјавата за МИА.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, Пендаровски има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима шефот на државата, на канцелариски простор со најмногу тројца стручни соработници, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.

Правата кои произлегуваат од највисоката државна функција ги користат поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

7-месечно бебе од Вевчани починало откако паднало на глава од креветче

Денеска во раните утрински часови во СВР Охрид било пријавено дека, во специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид, по извршен хируршки зафат, починало седуммесечно бебе од Вевчани, кое, претходниот ден околу 16 часот, било донесено во болницата од неговата мајка.

Бебето, според пријавеното било примено во болницата со хематом на главата и по констатирано мозочно крварење, веднаш била извршена операција.

Според изјавата на неговата мајка, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани.

По насока на Јавен обвинител, телото ќе биде пренесено до Судска медицина во Битола каде ќе се изврши обдукција. Се преземаат мерки за расветлување на настанот, соопшти полицијата.

Силјановска Давкова ќе се сретне со со евроамбасадорот Гир и италијанскиот амбасадор Силвестри

Претседателката Гордана Силјановска Давкова, денеска ќе има средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Силјановска Давкова денеска ќе го прими и амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри.

Гир и Силвестри по претседателките избори и ја честитаа победата на Гордана Силјановска-Давкова, а присуствуваа и на нејзината инаугурација во Собранието.

Гир во честитката до Силјановска - Давкова искажа очекувања „За тесна соработка за европската иднина на земјата“.

Силвестри, пак, покрај неговата лична, ја пренесе и честитката од италијанскиот претседател Серџо Матарела, во која се истакнува „заедничкото членство во НАТО и интензивната соработка што ги обединува Италија и Северна Македонија, како и надеж дека земјата ќе продолжи на својот пат кон пристапување во Европската унија со обновена посветеност од сите национални институции“.

Популарно