Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Посебен режим на сообраќај во недела во Скопје

СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека на 12.05.2024 (недела) од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.

Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.

Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.

„Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Граѓаните кои имаат потреба ги повикувам да ја користат оваа услуга. Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на 1 година, но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст" потсетува градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.

Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.

Џафери за бојкотот на претседателските избори: Груби не е влада, ниту партија

Техничкиот премиер Талат Џафери денеска на прес-конференција порача дека е фокусиран на обврските што му следуваат во извршувањето на функцијата. Истакна дека работата на конфигурацијата на идната влада е работа на преговори на политичките субјекти кои добиле мандати во Собранието.

Џафери беше запрашан дали ДУИ се подготвени да одат во опозиција, на што одговори:

-Tоа е прашање за органите на партијата и во тој контекст, треба да завршат преговорите за нова влада.

Техничкиот премиер потенцира дека не повикувал на бојкот на претседателските избори.

-Сите сме оставиле на слободна волја на граѓаните како да гласаат. Поединечните ставови не можат да се претстават како генерални ставови на Европскиот фронт. Во моето родно место, сега веќе претседателката на државата имала 100 гласови, а противкандидатот 127. Тоа е волја на граѓанинот, рече Џафери за наводниот бојкот на прес-конференцијата на којашто се осврна на работата на Владата во изминатите 100 дена.

-Груби не е ниту влада, ниту партија. Индивидуалниот став не е општ став според кој ќе се извлече заклучок, додаде екс-спикерот во Собрание.

Популарно