Течат роковите за приговори за изборите и инаугурација на новата претседателка

Роковите за приговори за Претседателски и Парламентарни избори до Државната изборна комисија (ДИК) завршуваат вечер во 19, односно 23:30 часот. ДИК вчера ги објави првичките официјални изборни резултати и вечер до 19 часот до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од Претседателските избори, по што според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова.

Според изборните резулатите од 100 отсто преброени гласови, што ги објави синоќа ДИК, Сиљановска Давкова освила 561.001 глас, а нејзиниот  противкандидат  и актуелен претседател  Стево Пендаровски  251.881 глас. Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина на СДСМ, 18, Коалиција ВЛЕН, 13, Левица, шест, и Движење ЗНАМ за наша Македонија исто така шест.

Во прелиминарните заклучоци  што ги изнесоа вчера  меѓународните набљудувачи, се наведува дека  изборите биле конкурентни, а основните слободи биле почитувани иако, како што потенцираат, процесот останува недоволно регулиран. Изборното законодавство, оценуваат, обезбедува соодветна рамка за одржување демократски избори, но празнините и двосмисленостите ја загрозуваат правната сигурност поради што е потребна нивна ревизија.

-За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР, и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа, останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата, рече на прес-конференција шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера на состанок ги постави контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партии, каде, како што објави лидерот Христијан Мицкоски, фокусот ќе бидат луѓето на прво место. – Економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи, напиша во објава на Фејсбук Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Тетово и претседател на Движењето Беса дел од Коалицијата „Влен“, Биљал Касами, пак, вели дека од понеделник се очекува да почнат разговорите за формирање на новата влада.

-Во текот на оваа недела ќе треба да ги имаме готови работните групи, а доколку не, за време на викендот и најверојатно од понеделник да почне официјализирањето на средбите и координацијата на активностите околу формирањето на владата. Секако, кадровските прашања ќе бидат дел од втората фаза на разговори. Она што е поважно е дека оваа коалиција ќе продолжи да биде гарант за интеграцијата на земјата во ЕУ и гарант за правата на Албанците, бидејќи изборите покажаа дека го добивме мандатот на Албанците да ги претставуваме и донесуваме одлуки кои се за доброто на сите граѓани и на државата кон европската интеграција, изјави вчера Касами.

На седницата за инаугурација Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава со што започнува да тече нејзиниот мандат. 

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на комисиите за надорешна политика, за одбрана и безбедност, за финансирање и буџет, како и Законодавно-правната комисија.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.  Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори. 

Националниот ден на Власите - 23 Мај, неработен за припадници на влашката заедница

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека 23 мај 2024 година (четврток), Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија  согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07).

Министерството за труд и социјална политика, воедно, на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија им го честита Националниот ден на Власите.

Касами: Добро оди целата процедура за договорање на следната влада

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами денеска од Тетово информира дека добро оди целата процедура за договорање на следната влада. Според него, се разговара за принципите на функционирање на следната влада, се усогласуваат програмите и слично.

Тој на настанот „Отворен ден“ во организација на средните училишта во Тетово изрази надеж дека преговорите како резултат ќе имаат влада која, како што рече, ќе биде компететна, со професионалци, која ќе биде со луѓе кои ќе работат за државата и за граѓаните без разлика на нивната етничка припадност.

-Ние сме свесни дека во една мултиетничка држава и општество како што е Македонија не можат сите министри да бидат Албанци и Македонци. Но што е важно било кој да биде во едно министерство треба да работи за сите граѓани без разлика на етничка и верска и друга припадност. Во оваа фаза имаме разбирање меѓу партнерите кои ја договараат следната Влада дека без разлика кој каде ќе седне на која фотеља, ќе треба да работи за сите граѓани. Ова е многу важно за нас затоа што во минатото иако имаше многу министерства кои беа предводено од Албанците,ниту тие министерства не работеа и доволно за Албанците и за другите и за Македонците и другите граѓани.Значи етничката припадност за нас не е најаважна за да ние го реализираме тоа што го имаме ветено, изјави Касами.

На прашањата дали е познато колку министерски места ќе се распределат меѓу партнерите, Касами потенцира дека кога ќе има краен договор ќе им го соопштат на јавноста.

-Тоа е дел од стратегијата за преговарање, ние може да бараме и пола Влада, може да ни се понуди и многу малку, но на крај ќе дојдеме до тоа што ќе биде најсоодветно за сите партнери во следната Влада. Што е најважно, во интерес на граѓаните, рече тој.

За изјавата на Али Ахмети дека прегласувањето во среда може да донесе меѓуетнички тензии, Касами со коментар оти тоа било во минатото.

-Секој си зборува со тоа што знае да го прави. Али Ахмети, така договарал во минатото и така постапувал во минатото. Али Ахмети знае како ги добил и овие мандати кои ги добил сега. Затоа е во паника. Ние едноставно кажуваме да им дадеме можност на граѓаните во среда да излезат и да гласаат. Ако тој е сигурен во тие гласови што ги добил, треба да биде мирен дека пак ќе ги добие. Ако знае дека ги добил на начин кој не е демократски, не е фер, не е слободна волја на граѓаните, затоа е во паника. Ние кажуваме дека треба да создадеме услови во среда и тие граѓани да излезат и да гласаат во слободна волја за да може да кажеме кој ќе биде нивен претставник во Собранието. Ние се надеваме дека ќе имаме добар резултат, изјави лидерот на Движењето Беса.

Касами соопшти дека нема да биде пратеник и ќе ја задржи градоначалничката функција. 

Тешко повреден велосипедист во сообраќајка на Средно Водно

На 19.05.2024 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат на Средно Водно во Скопје, патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.М.(63) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.М.(36) од Нераште. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот Б.М., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

Популарно