Се степале неколку родители на трибините додека нивните деца имале натпревар.

На трибините каде што стоеја родителите и каде што би требало да има полнолетни, преовладуваше детскиот принцип. Игра во песокта. Тепачка околу тоа чиј син е подобар. И натпреварот запре.

Децата не беа повеќе важни. Никој не ги гледаше. Важни беа родителите. Детето во родителот и неговиот нерешен проблем од детството.

Замислувам како мало дете се обидува да дрибла со топката, покажувајќи му на татко му, кој е горе на трибините, што знае и што може да направи. Го замислувам тој страв во детето што неговиот татко тепа друг, бидејќи децата се плашат од агресијата на нивните родители. Го замислувам и разочарувањето што тато не го виде потегот што детето го вежбаше со тренерот. Замислувам колку мора да е збунето. Не разбира што неговиот идол сака да постигне.

Тој му вели да игра фер, а тој се тепа. Тој му вели да не го удира другарот, бидејќи тоа е насилство, а тој се тепа. Му вели дека кога другарчето ќе му се налути, треба да разговара со него и да се обиде да ги реши проблемите мирно, а тој се тепа.

Го замислувам како се прашува: Тато, дали треба да се тепам и јас за ти да бидеш задоволен? Како да го добијам твојот аплауз? Дали сега да му ја скршам главата на другарчето?

Ова е само замислена ситуација. Затоа што многу родители не им даваат такви упатства на своите деца. Во реалноста е уште полошо. Во реалноста, додека тренерите се обидуваат да ги научат децата на фер игра, гневните родители од трибините му викаат на своето дете: „Турни го!“, „Удри го!“ А тоа значи дека детето наместо да дрибла, наместо да учи да игра фудбал, наместо да ги почитува правилата, го удира другарот, го турка и го гази.

Фудбалскиот терен е демонстративно поле каде што децата ги вежбаат улогите за живот. Тие практикуваат врски и ја практикуваат најтешката работа: да го почитуваат противникот, што значи дека треба да ја почитуваат различноста на ставовите, вистините и позициите. А тоа значи дека развиваат вештини и компетенции за живот. Денес се пријатели од „ривалскиот“ тим, утре ќе бидат пријатели од училиште, колеги на работа, партнери во брак.

И тогаш се прашуваме зошто нашите деца се такви какви што се. Затоа што нашето општество е такво какво што е. Ги обвинуваме игрите, Западот и Истокот, наместо да се гледаме себеси. И се прашуваме каков модел сме за нашето дете.

За каков живот? За какви врски? За која среќа?

Децата учат по модел и се многу збунети од противречности. Не можете да кажете една работа, а да правите нешто сосема друго.
Ако нема добри модели околу нив, не се виновни децата што немаат кој да ги научи како да се почитуваат себеси и другите.

Извор
Автор: Лилјана Милиќ



912

X