Во секоја врска, порано или подоцна, има одредени конфликти и несогласувања, па повишувањето на тонот понекогаш е неизбежно. Сепак, многу е важно дали и колку често ќе имате такви дискусии пред вашите деца. Вашата расправија може да биде и еден вид лекција за вашите деца, но само доколку дискусијата е кохерентна, учтива и без лоши зборови, со изнесување аргументи за да го одбраните вашето мислење.

Што можат да научат децата слушајќи ги аргументите на нивните родители?

Темата за која се разговара секако одредува дали тој разговор ќе го одвивате пред децата или во целосна приватност додека децата не се присутни.

Во ред е понекогаш да не се согласувате

Ако водите аргументирани дискусии, вашите деца ќе научат дека е сосема нормално партнерите понекогаш да се разминуваат во мислењето. Родителите кои никогаш не водат вакви разговори пред децата оставаат впечаток дека сѐ е секогаш совршено, што може да го наведе детето да мисли дека секогаш треба да го потиснува своето мислење за да избегне конфликт, што воопшто не е добро. Вие сте тие што можете да му покажете на вашето дете дека расправиите се дел од животот, но не водат кон долгорочен гнев, раскинување или развод.

Можно е да се расправаме и истовремено да се почитуваме

Со текот на времето, вашето дете ќе забележи како се одвиваат вашите дискусии – дали се однесувате еден кон друг со почит, зрелост и мудрост, или паѓате на многу ниско ниво и се навредувате, со цел што е можно повеќе да го повредите партнерот и да му се одмаздите. Линијата е многу тенка, особено кога двете страни се вознемирени поради причината за расправијата. Критикувајте конкретна ситуација или постапка, но никогаш карактерот на личноста, слушајте ги аргументите на партнерот и возвратете со аргументи, имајќи на ум дека малите очи и уши се во близина и дека сега е можност да му докажете на детето како да се однесува кога е во вербален конфликт со некого. Извинувањето и помирувањето на крајот од конфликтот – е исто така чин на кој вашето дете треба да сведочи.

Расправијата може да ги зближи луѓето

Сè додека се расправате со личност која сака да ве слуша, која сака да го реши конфликтот на добар начин и која вие внимателно ја слушате кога ги изнесува своите аргументи, можете да бидете сигурни дека сте во здрава врска, а зрелите и цивилизирани расправии можат само да ја направат вашата врска уште подобра, а вие двајцата поблиски и поотворени еден за друг. Од ваквите кавги детето ќе може да научи дека конфликтот не е знак оти родителите ќе се разведат, што е вообичаен страв кај малите деца, туку доказ дека можат уште подобро и поквалитетно да се поврзат.

Како да препознаете кога е време за компромис, а кога да не се откажете од својата позиција

Во секоја расправија важно е да се запрашате колку ви е важно „да постапите на ваш начин“, да „победувате“. Обично луѓето се поактивни во расправиите колку што им е поважна темата, па ако не се работи за нешто клучно, понекогаш навистина треба да го развеете белото знаме и да кажете „извини, не сакам да се расправам за тоа“. Преку вашата врска, детето со текот на годините ќе може да разликува кога е време за компромис и кога не треба по никоја цена да се откаже од своите верувања.

Кавгата не мора да му наштети на бракот

Лоша расправија, полна со импулсивни зборови, навреди и омаловажување на другата страна, секако не е добра за вашата врска, но доколку вашите расправии се разумни и детето гледа дека тие не завршуваат со лутина, туку помирно и поопуштено – тогаш и детето ќе се чувствува помирно и посигурно во своето семејство. Децата кои не гледаат како нивните родители се помируваат по кавга, а можеби дури и неколку дена подоцна не комуницираат, може да имаат напади на анксиозност бидејќи нема да можат да проценат во каква состојба е семејството во моментот.

Извор



912

X