Интервју со директорот на „КИЦ“ Антонио Димитров: Дадовме поддршка на етаблирани уметници, но и на млади, на кои им е потребна мала инстицуионална поткрепа, каде ќе ги направат своите први чекори

„Културно Информативниот Центар“ како најстара културна установа во градот Скопје, доживува „ренесанса“ со новото раководство. Се враќаат културно уметничките настани, а со тоа и публиката во КИЦ. За десетина дена ќе се одржи фестивалот „Звукот на Скопје“ кој и оваа година ќе понуди квалитетна и богата програма со настап на многу познати регионални звезди, како и на многу наши млади изведувачи, а истиот ќе биде збогатен и со филмска програма и изложби. Ова беше доволен мотив да поразговараме со директорот на КИЦ, Антонио Димитров. За овие и многу други интересни теми прочитајте го интервјуто подолу.

Минатата година КИЦ прослави 55 години од своето постоење. И покрај сите предизвици со кои се соочивте успеавте повеќе од достојно да го одбележите овој голем јубилеј и да го вратите реномето на оваа установа. Како успеавте да ги надминете сите предизвици и дали сте задоволни од тоа како помина одбележувањето на овој голем јубилеј?

– По повод големиот јубилеј 55 години КИЦ (најстариот културен центар во градот), организиравме голема ретроспективна изложба каде во една галерија изложивме слики од нашата колекција. Сликите се од познати уметници чии слики се нашле во колекцијата: од Масин, преку Ацо Станкоски, Димче Николов, па се до Чемерски и Мартиноски. Тоа се и дел од уметниците кои некогаш правеле свои самостојни изложби во нашите салони. Во другата галерија беа изложени плакати од настани кои се случиле во КИЦ изминатите декади, а кои се изработени во техника сито печат во нашето графичко студио. Во минатото тоа бил начинот на кој се изработувале плакатите, па покрај информациите што ги содржат, тие претставуваат и своевидно уметничко дело.

Целата галерија беше облепена со плакатите кои дадоа историска перспектива за тоа кои настани се случиле во КИЦ и кои се’ имиња поминале низ овој центар. Од промоции на книги, театарски претстави, филозофски дебати, до концерти и изложби. Имиња кои денес се етаблирани уметници или музичари, не само кај нас, туку и во светски рамки, настапиле во КИЦ низ овие изминати 55 години. Тоа покажува дека КИЦ било значајно авангардно свртилиште во градот и е доказ за неговото значење како градски културен центар. Конечно, на екранот во влезниот хол вртеше видео на кое се прикажуваа концерти кои се одржувале во Салон 19:19.За одбележување на ваков јубилеј потребна е и една добро изработена монографија каде би се вметнале сите аспекти од историјатрот на КИЦ, но мојот мандат започна предоцна за да можеме да побараме дополнителни сретства за таа цел и да се сработи еден таков захтевен проект, па тој аспект ќе го оставиме за следниот јубилеј, кој е уште позначаен.

Од вашето доаѓање на чело на КИЦ сведоци сме на голема промена во работењето на оваа институција, мошне богата, разновидна и редовна програма. Дали тоа се должи на фактот што вие сте одамна присутен, доста упатен и етаблиран во полето на музиката, културата и уметноста и успеавте сето тоа искуство да го преточите преку управувањето во оваа институција?

– Мислам дека прецизно ја лоциравте причината. Го искористив сето мое искуство во областа на музиката, уметноста, културата, како дел од независната сцена, која тука само ја канализирав на институционален начин, за да ја збогатиме програмата и да ја направиме поразновидна. Всушност, тоа и е поентата на еден ваков културен центар – да биде поддршка на уметничката сцена. Дадовме поддршка и на етаблирани уметници, но и на млади, на кои им е потребна мала инстицуионална поткрепа, каде ќе ги направат своите први чекори. Секако, во сето тоа се внимава и на нивото и на квалитетот на тоа што е изложено или претставено.

За сето ова, потребно е да сакаш да ги раздвижиш работите, да направиш нешто за сцената, да оставиш нешто зад себе, а за тоа е потребно да го вложиш своето искуство, воља, енергија и ентузијазам. А културен потенцијал секогаш постои. Само треба да се препознае и да се канализира. Младите луѓе и уметниците творат постојано. Само им е потребен простор каде таа креација ќе ја презентираат. Да, потребни се секако и финансии за и ние да може ние непречено да функционираме и да ја поддржиме нивната работа.

Минатата година во организација на КИЦ се одржа музичкиот фестивал „Звукот на Скопје“, што всушност е ново име на фестивалот „Звуците на чаршијата“. Одлично организиран open air настан со богата дводневна програма. Кога ќе се одржи овогодинешното издание и што може да очекува публиката оваа година на „Звукот на Скопје“?

– Носечката манифестација на Културно информативниот центар – Скопје „Звукот на Скопје“ е во формат на еднодневен скопски летен фестивал на отворено, на кој ќе настапат актуелни и свежи локални и интернационални имиња. „Звукот на Скопје“ значи свеж здив во жешкото и долго скопско лето и обид за заситување на културната глад на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда од спектарот на активности на центарот. Простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи кој сѐ уште ја бараат довербата од градот. Значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст.

Лани направивме своевиден спектакл, ја видовме КОНСТРАКТА и тоа во моментот кога требаше да се види и кога беше актуелна (како евровизиска ѕвезда). Покрај неа, во двата фестивалски дена видовме голем дел од најзначајните имиња на локалната world music, џез, етно, реге… сцена. Практично покривме се’ што е значајно и беше вредно да се чуе во моментот. Порај тоа во програмата вметнавме и изложби, имаше детска театарска претстава, поетски перформанси… Еден достоинствен фестивал, каков што доликува за градот Скопје и каков што се очекува од културен центар со своите 55 години зад себе.

„Звукот на Скопје“ оваа година ќе се случи на 15 септември. Програмата е спремна, организациски сме веќе подготвени, и ни останува само уште промоцијата. Оваа година повторно ќе одиме со регионални и локални имиња, со кои ќе направиме достоинствен континуитет на она што го реализирамевме минатата година. Ќе се одржи на две сцени, каде ќе настапат познати имиња, но и млади надежи. Во план беа и интернационални имиња кои допонително ќе го потенцираат нивото и големината на фестивалот, но поради бирократски процедури и финансиски кусок дел од бендовите беа откажани, со надеж дека следната година ќе успееме да ги донесеме.

Што се однесува до програмата, на плоштадот Мајка Тереза ќе ги чуеме симпатичната Natalee, новата регионална надоаѓачка сила од српската сцена, потоа нам добропознатите Фолтин, бендот СИЗ, кои не сме ги виделе навистина одамна и младиот рап бенд КЕМ. На Ибни Пајко сцената ќе видиме уште еден надоаѓачки бенд од Србија – Klotljudi, а потоа и еден наш многу ветувачки бенд Zanadu, и конечно младите Стој, После!.

Секако ќе го покриеме ликовниот аспект со фото изложба посветена на Скопје, а тука ќе бидат и кино проекциите. Сето тоа ќе биде во/пред самиот КИЦ.

Настаните во организација на КИЦ се секогаш доста посетени од разновидна публика. Дали сметате дека недостасува повеќе млада публика која треба да се „врати“ во КИЦ на изложбите, концертите и другите културно-уметнички настани во ваша организација?

– Секогаш недостасува публика. Посебно млада. Но, тој проблем не е така едноставен. Публика се создава. А за да создадете публика, треба да имате квалитетна понуда или нешто што ќе ја привлече. „Во наше време“ работите беа поедноставни. Имавме ентузијазам и независната сцена функционираше сама од себе. Од гаражите, од јавните простори. Денес во дигиталното доба структурата на публиката и нејзините интереси се малку поинакви. Потребни се поинакви параметри за да им се доближите и да ги привлечете. Самите односи во културата во капиталистичкото општество се за жал поинакви, а со тоа се менува и начинот на функционирање. Се’ е комерцијализирано, се’ е на продажба и најзначајни се финансиите. Во локалниов контекст, во константите кризи, транзиции и финансиски недостаток, работите се за жал уште поизместени.

„Скопје Култ“ е првиот електронски градски културен информатор, кој излегува во дигитална форма како двонеделник повеќе од 1 година. Неспорно е дека ваков информатор долго време недостасуваше во културниот живот на градот. Дали тоа беше и првичниот мотив да се започне со издавање на овој магазин?

– Ние сме генерација порасната на магазини како медиум и магазинот ми е близок како формат. Покрај тоа што лично мене ми недостасуваше такво нешто и на градаот му недостасува културен магазин и информатор, и дефинитивно тоа е иницијалната идеја со која тргнавнме, едноставно да ја пополниме таа дупка. Конечно, ние покрај културен сме и информативен центар, и тој аспект требаше да го надополниме. Затоа, овој хибрид помеѓу магазин и информатор опфаќа и вести од културата, но и најави за настаните во градските (па и централните) културни установи, институции, музеи, библиотеки…, преку кои ќе добиете претстава што ќе се случува во следните два месеци во градот, па и пошироко.

Зад ваква посветена и напорна работа сигурно стои и добар тим. Дали може да ни кажете нешто повеќе околу тимот на КИЦ и луѓето кои се вклучени во него?

– За жал не е баш така како што изгледа. Тимот е за жал крајно редуциран и ова е еден од посериозните проблеми со кој се соочуваме – вработувањата. Возрасните вработени одат во пензија, а млади не се вработуваат. Проблемот е системски, бидејќи и покрај тоа што кризата помина, нови вработувања во културата не се дозволуваат. Културните установи пропаѓаат поради игнорирање на овој сериозен проблем. Неколку културни установи се пред колапс,  а за многу скоро време и нас не очекува истото. Би сакал да ја искористам оваа прилика да аплерирам до централната власт да се позанимаваат со овој проблем во културата за да мрднеме од мртва точка, освен ако сето ова не е тенденциозно, поради извесни, за нив познати причини.

Кои се вашите плановите за понатаму? Што може жителите на градот да очекуваат од КИЦ на културен план? Се надеваме дека ќе продолжи овој тренд на посветена работа, и сме радосни што КИЦ повторно станува носител на културниот живот во Скопје. 

– Продолжуваме со годишната програма. Изложби, промоции на книги, театарски претстави, концерти… Ја очекуваме прекрасната Дина Јашари со анплагд концерт, промоција на новиот албум на Баклава, секогаш бараните Летечки пекинезери, Stefan Christoff од Канада, новиот бенд на Штефан Шнајдер So Sner од Австрија…. Изложби на легендата на македонската графика Костадин Танчев Динка, Тони Шулајковски, враќање на женскиот арт колектив MOMИ, хиперпродуктивниот Страхил Петровски, изложбата „Мал формат“ во соработка со ДЛУМ, јубилејното издание на најголемата графичка изложба Ex Libris…

текстот е превземен од Екран