Пропалестинските протести продолжуваат на американските колеџ кампуси и се закануваат да ги нарушат претстојните церемонии за дипломирање, додека студентите и другите се расправаат околу војната на Израел против Хамас во Појасот Газа, пренесе Бета.

Многу кампуси беа главно мирни во текот на викендот, но демонстрантите останаа во шатори кои служат како штабови за протести, додека на неколку универзитети полицијата ги отстрани и ги уапси студентите кои бунтуваа.

Многу студенти бараат нивните универзитети да ги прекинат финансиските врски со Израел поради големата операција во Појасот Газа, за која израелските власти тврдат дека е започната за да се потисне палестинската екстремистичка група Хамас.

На Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес вчера имаше жестока дискусија и туркање меѓу две групи студенти, кои се разликуваат во нивните ставови, а раководството на таа институција соопшти дека ги зголемиле безбедносните мерки бидејќи „избиле физички конфликти меѓу демонстранти“. Нема извештаи за апсења или повредени.

Во саботата, околу 275 лица беа уапсени во различни кампуси, во неколку сојузни држави. Околу 900 луѓе се уапсени низ САД откако полицијата на Њујорк го разби пропалестинскиот протестен камп на Универзитетот Колумбија на 18 април и уапси повеќе од 100 демонстранти.

Поттикнати од првите пропалестински демонстрации на Универзитетот Колумбија во Њујорк, студентските протести се проширија низ САД во изминатите 10 дена, вклучувајќи ги и сојузните држави Калифорнија, Мисури и Масачусетс. Наставата се одржува од далечина поради протестите.

Важно прашање на протестот станаа и проблемите на уапсените студенти, чие помилување бараат се поголем број факултети. Отворено е прашањето дали суспензијата и отворањето на досиејата ќе им создаваат проблеми на уапсените во иднина.

Членовите на факултетите на универзитетите во Калифорнија, Џорџија и Тексас покренаа постапка или гласаа за недоверба на раководството, што е главно симболичен потег.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден „знае дека има многу силни чувства“, но дека ќе остави на локалните власти да управуваат со протестите.

Протестите во кампусите низ САД започнаа како одговор на некои студенти на израелската офанзива во Појасот Газа, по смртоносниот напад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври.

Припадниците на Хамас потоа убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а зедоа околу 250 заложници. Откако вети дека ќе го уништи Хамас, Израел уби повеќе од 34 илјади Палестинци во Појасот Газа, според локалното Министерство за здравство.

Израел и неговите поддржувачи ги означија универзитетските протести како антисемитски, додека критичарите на Израел велат дека таквите обвинувања се користат за да се замолчат противниците.

Иако некои демонстранти се снимени како даваат антисемитски коментари или се закануваат со насилство, организаторите на протестот, од кои некои се Евреи, тврдат дека тоа е мирно движење за одбрана на правата на Палестинците и протест против војната.


Администратор
29/04/2024 22:20