Животните вештини отсекогаш биле важни. Секако, важно е и читањето и пишувањето, важна е математиката, како и странските јазици… Но, животните вештини понекогаш се занемаруваат, а тие се исто толку важни, ако не и повеќе. Тие не се исти секаде и за секого, а зависат и од местото каде што живеат децата, но некои се навистина универзални.

Кога група татковци на сега возрасни деца биле прашани на порталот „Татко“ кои вештини треба да ги учат децата што е можно порано во животот, тие одговориле вака:

Посакувам да ги учев моите деца порано на…

Како вежбањето да стане голем дел од животот

„Посакувам да дадовме пример и да практикувавме дневен режим на вежбање за нашите деца, за да ја развијат оваа здрава навика во животот. Иако јас и мојата сопруга генерално сме здрави, не сме биле добри примери и не сме развиле сопствена рутина за вежбање, а ниту нашите деца. Еден мој близок пријател го направи ова и резултатот е видлив во целото семејство“ – Марк, 52.

Како добро да се грижат за домот

„Пораснав не знаејќи ни да ја здиплам облеката или да зовривам вода, па животот ми се сруши кога мајка ми почина, а имав само 19 години. Немав идеја како да се грижам за домот. Важно е да знаете како да го чистите, одржувате домот и да поправате барем некои работи во него. Домот е најважното место во нашиот живот. Ако не можете да се грижите за тоа каде живеете, спиете и јадете, тогаш не можете да се грижите за многу важни работи. Се трудам да ги учам моите деца на тоа колку што можам повеќе и колку што е можно порано“ – Гарет, 48.

Како да простиме некому

„Кога го носиме емоционалниот товар на гневот, тоа ја забавува нашата способност вистински да растеме. Подобро е да простите не само заради личноста која ве навредила, туку и заради вашата личност. Кога бев млад, предолго чував во себе некои стари, болни моменти. Иако не треба лесно да оправдуваме одредени работи кои нѐ повредуваат, треба да се трудиме што побрзо да се ослободиме од болката. Како што стареев, сфатив дека е наивно да веруваме оти другите нема да нѐ повредат еден ден. Би сакал да ги научам моите деца на оваа лекција бидејќи мислам дека тоа служи како потсетник оти сите ќе треба да простиме еден ден“ – Адам, 38.

Како да управувате со финансиите

„Животната вештина на која посакувам да ги научев моите деца многу порано е финансиската писменост. Особено жалам што не се фокусирав да ги подучувам за буџетирање и управување со пари уште од рана возраст. Со рано воведување на децата со фактите за буџетирање и управување со пари, им овозможуваме да стекнат основни вештини за ефикасно управување со нивните финансии. Децата на тој начин развиваат чувство на финансиска независност и одговорност и учат колку е важно да заработуваат и да управуваат со сопствените пари, наместо да се потпираат исклучиво на други или да акумулираат долгови“ – Џон, 45.

Како да се справите со неуспехот

„Неодамна станав свесен за овој концепт на справување со неуспехот. Најчесто на неуспехот гледаме како на нешто негативно. Но, во математиката, кога ќе квадрирате негатива, таа станува позитива. Не сум сигурен како и зошто, но така е. Се плашам дека во текот на животот на ќерка ми неуспехот го претворав во нешто негативно, без доволно да го нагласам учењето што се случува во тој процес. Тоа може да биде болен процес, навистина. Бидејќи неуспехот е често директен резултат на преземање ризици, се плашам дека на тој начин ја спречив ќерка ми да постигне некои поуникатни успеси кои можеа да произлезат од преземањето поголем ризик. Сега таа го знае тоа, јас ја научив, но посакувам да ја научев многу порано“ – Брет, 60.

Како да се користат алати

„Посакувам порано да ги научев моите деца како да користат алати. Јас сум тип на човек кој сака проекти што сам ги реализира. За жал, отидов предалеку и имам тенденција да правам проекти постојано сам. Сакам да завршам сè брзо, а потоа да седнам и да уживам во убавината на готовиот проект. Децата го немаат истиот менталитет. Мојот син сака да помага, но се возбудува и брзо постапува, па многу се плетка во работата. Тоа е природно за децата и тој се забавува, но тоа мене ме забавува. Посакувам да сум бил потрпелив кога тој бил помлад и да го оставам да истражува како функционира секоја алатка. Сега, кога почнувам да правам нешто, се трудам да бидам поопуштен, да забавам и едноставно да уживам во нашето време заедно како можност да се поврзам со него, за да можам и да го научам нешто“ – Крис, 39.

Како да слушате

„Мислам навистина, искрено слушајте. Моите деца се речиси полнолетни и гледам дека често се затвораат кога нивната мајка, браќата и сестрите или некој друг зборува со нив. Не мислам на тоа дека тие превртуваат со очите кога ќе им кажат да направат нешто. Мислам на моментите кога некој споделува нешто со нив за што поставиле прашање, а нивните очи талкаат или се насочени кон телефонот. Навистина е важно да научите како внимателно да слушате и да разберете што некој зборува – во личните односи, на работа и воопшто во светот – и би сакал да можам да поминам повеќе време за да ја вежбам таа вештина со нив. Ако не слушате, тогаш не учите и не можете да помогнете ако некој споделува нешто важно со вас“ – Тревис, 47.

Како смислено да ги изразите чувствата

„Горд сум на моите деца и нивната емоционална интелигенција, но би сакал порано да ги научев како да се изразуваат. Пораснав во средина која не беше многу погодна за развој на моите емоции и сè уште се борам со изразување на моите чувства. Ѝ оддавам признание на мојата сопруга што ги охрабри нашите деца да бидат отворени за нивните чувства. И јас кажував слични зборови, но сега сфаќам дека не давав пример со своето однесување. Моравме да ги научиме нашите деца да бидат искрени за нивните чувства и благодарен сум што денес, кога се расправаат, и двајцата можат искрено да си кажат што чувствуваат и навистина да се слушаат меѓу себе“ – Џим, 49.

Како да се приспособите

„Имам три момчиња и вештината број еден на која би сакал да ги научев порано е приспособливоста. Промените се случуваат сè побрзо, така што младите мора да бидат сè поотпорни и пофлексибилни за да се приспособат на она што им го носи животот. Во исто време, мора да имате подобар однос кон неизвесното и способност подобро да го процените истото. Нашите деца сè повеќе ќе ги менуваат работните места и ќе треба да се приспособат заедно со технологијата и новите начини на работа, нешто што ние сè уште не можеме ни да го замислиме. Шест пати ја менував сопствената кариера и ги искористив можностите за градење бизниси затоа што бев флексибилен и приспособлив. Гледам огромен недостиг на приспособливост кај многу возрасни денес, па мислам дека би било добро ако почнам да ги учам на тоа што е можно порано“ – Мајк, 42.

Како да развиете работна етика

„Посакувам да потрошев повеќе време на развивање на работната етика на моите деца. Имам три деца кои сега се пораснати и кога се навраќам на нивните рани години, поминував многу време со нив играјќи, правејќи снешко, гледајќи цртани филмови, одејќи на роденденски забави и сите оние прекрасни работи кои создаваат семејни спомени. Но, би сакал да потрошев повеќе време за развивање на нивната работна етика. Мислам дека е важно децата да ја разберат вредноста на напорната работа, особено во денешниот свет на забава и слободно време. Посакувам да посветев повеќе време на распределба на задачите, работа со децата и развивање ентузијастички пристап кон работата“ – Рид, 66.

Извор



912

X