ВМРО-ДПМНЕ ги промовираше кандидатите за пратеници

Дојде часот и времето сите заедно да ги промениме работите - да ја вратиме Македонија на народот. Ова порака ја испрати Христијан Мицкоски, на промоција на кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.

Кажа дека овие избори се историски важни и клучни за да се испрати порака до оние кои ја крадат државата со децении и го впери прстот кон СДСМ и ДУИ.

За СДСМ порача дека е без план и иднина и дека е играчка на ДУИ. Испрати порака и до Албанците- дека се заложници на, како што кажа - криминалот на ДУИ.

- На овие избори народот мора да излезе масовно и да гласа. Најпрвин ќе ги пратиме во опозиција, а потоа јас ви гарантирам и ви давам збор ќе одговараат за секоја солза, за секоја пролеана солза на мајка, баба, сестра, за чедото кое ја напуштило Македонија затоа што се чувствувале граѓани од втор ред, затоа што некој им ја украл иднината. И ако некој има дилема и мисли дека се шалам од оваа Конвенција од овде ќе им кажам исто како што до сега, што би рекол еден наскоро поранешен политичар одевме до крај подготвен сум и овој пат да одам до крај. - рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Носителите на кандидатските листи , пак, кажаа дека слоганот „Македонија повторно твоја“ не е случаен, и дека ја отсликува отсликува реалноста, која според нив е онаа во која граѓаните ја напуштаат државата, затоа што не ја чувстуваат за своја.

- Ова се изборите кои ќе ја одредат иднината на Македонија и на граѓаните во следните 20 до 30 години, ова се избори кога секој решава каде ќе одиме сите ние и Македонија како држава. Ова се избори на кои треба рекордна излезност, секој да излезе и да гласа да го поддржи ВМРО-ДПМНЕ, да си ја врати Македонија. - рече Александар Николовски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Единствената жена, помеѓу носителите на кандидатските листи, Дафина Стојановска порача дека ова ВМРО-ДПМНЕ ги увидело сите грешки, ги извлекло поуките и дека 7 години наназад го носел тој товарот.

- Ова ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да се откаже од битката за слобода на Јане Ченто, Митко Чавсков, Пешов, Лазаров, Поповски, Пепиќ и сите останати неправедно осудени. - рече Дафина Стојановска.

Носител во првата изборна единица е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски . Во „двојката“ носител е Владо Мисајловски . Во третата изборна единица носител е Драган Ковачки. Потпретседателот на партијата Александар Николовски е носител во изборната единица четири. Во „петката“ прв на листата е генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, додека, пак, во „шестката“ носителка е Дафина Стојановска.

Во првиот ред можеа да се видат и коалиционите партнери. Како дел од оваа коалиција се партијата Достоинство на Стојанче Анѓелов, Демократски сојуз на Павле Трајанов, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, Македонски концепт на Петар Богојески, Глас за Македонија на Солза Грчева, ТМРО на Ванчо Шехтански.

Меѓу актуелните партнери,пак, остануваат Социјалистичката партија на Македонија, Демократската партија на Србите во Македонија, Движење за национално единство на Турците, Демократска партија на Ромите, и Демократски сили на Ромите, како и Партија на Власите.