„Земјата не е добиена во наследство од претходните генерации, туку е само позајмена од идните“. Несомнено предизвикувачка порака за значењето на основниот ресурс во земјоделството - земјата. Дали само земјата е единствениот ресурс за организација на земјоделското производство!? Се разбира дека многу важна улога за успешно земјоделско производство има квалитетот на земјоделското земјиште и неговата консолидираност. Р.Македонија располага со околу 660 илјади хектари земјоделска површина. Просечниот земјоделски посед во индивидуална сопственост што го обработува едно земјоделско домаќинство е околу 0,6 хектари. Ажурираните податоци од последните години упатуваат на фактот дека се обработуваат околу 360 илјади хектари ораници, овоштарници и лозја. Меѓутоа, за обработка на земјата потребни се уште и луѓе кои ќе го организираат процесот на работа. Работна сила која има стекнато традиција, соодветен степен на знаење и умеење, управувачки и организациски вештини. Сето тоа подразбира силно и демографски потентно земјоделско население. За жал, бројот на земјоделските домаќинства од година на година се намалува! На пописот во 2002 г. беа регистрирани над 90 илјади земјоделски домаќинства. После дваесет години егзистираат едвај 60 илјади од нив! Младите земјоделци може да се избројат на прсти.

Состојбата со земјоделската механизација е катастрофална. Безмалку сите трактори и комбајни (со чесни исклучоци) нужни за агро-техничките операции за обработка на земјоделските површини се од минатиот век?! Без работна сила и недостиг на земјоделска механизација, со раситнети земјоделски површини не може да се тргне напред. Ако кон тоа се додаде фактот дека легално се наводнуваат само 18 илјади хектари од севкупно расположливата земјоделска површина, ситуацијата е уште позагрижувачка. Нешто како да недостасува во владините политики за успешен развој на земјоделството во Р.Македонија.

КАПИТАЛНИОТ РЕСУРС НЕДОСТАПЕН ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ

Тоа што недостасува во македонското земјоделство се нарекува „недостиг од капитал“. Што се луѓето без средства? Ништо! Само неми свидетели за судбинскиот момент дека без пари во денешниот свет не можеш да бидеш ниту пролетер!? Во еден друг систем тоа беше гордост. Денес без пари си ништожник и лузер. Сеирџија и првак во сиромаштија. Нашите земјоделци денес се прваци во сиромаштија.

Да, имаме нови односи во земјоделството-развој на претприемништво, имаме меѓународни експерти за поддршка на одржливиот развој на нашиот аграр, проектни единици, Платежна Агенција за подршка на гро-комплексот, Федерација на земјоделците.... Ја хармонизираме нашата легислатива согласно со законите на Европската унија. Вршиме институционално зајакнување на административниот сектор. Мораме да работиме по европски терк,з атоа што од Мај 2004г. нашиот Агро-код е дел од Европскиот Агро-код. Минуваат години а ние со неколку срочени папагалски реченици само го констататираме нашиот од кон Европа. Се имаме-европски регулативи, директиви, бесконечна листа од мерки, алатки и пилари?! Само земјоделците ги немаме. Не се со нас. Некаде исчезнаа. Во сите тие „лабораториски“ експерименти колку е издржливоста на нашиот земјоделец, се вртеше муабет°за се и сешто, само не за живеачката на тој едноставен и скромен земјоделец од Пелагонија, Полог, Овче Поле, Тиквешијата, Малешевијата....

Нашето испитување колку можеме ниско да паднеме (тоа модерно се нарекува - допирање на дното) конечно заврши. Времето на капиталот е сурово време. Вредносниот систем е друг. И дно не постои. Бесконечната растегливост на долната граница на издржливост на земјоделската работна сила и категоријата цени е тајната на успехот на капиталот во земјоделскиот сектор. Долната граница се стреми кон бесконечен лимес! Се залажуваме самите себе дека со нашето економско назадување и паѓање на индексите во земјоделското производство, на крај ќе застанеме на цврсти нозе. Не, почитувани читатели. На крајот ќе бидеме стожери и урнеци за најдолгата евидентирана криза на земјоделското производство на Европската почва. Што да се прави да се надмине кризната состојба?!

Нашиот проблем во организација на земјоделското производство е огромен. Декларативно, сите го поддржуваме земјоделството. Насекаде симпатии за земјоделците. Тапкање по рамото. Статистичката евиденција секоја година потврдува и истовремено не залажува дека земјоделството е еден од виталните делови на Македонскиот реален сектор. Воопшто не е така! Пред триесет години земјоделството учествуваше со околу 11 отсто во Македонскиот БОП. Денес,едвај некаде околу 7,4 отсто! А земјоделците осиромашуваат. Младите луѓе си заминуваат од селските населби.

Нашето село повеќе личи на времепловска секвенца од некој нов филм на маестрото Милчо Манчевски, отколку на пристојно место за живеење и задоволување на најегзистенцијални потреби на луѓето. Од некаде над 1.600 селски населби, околу 250 се веќе напуштени, а за уште 200 села се наѕира испустувањето, односно се регистрираат како селски населби без активно население.

Изгледа дека ако луѓето безусловно сакаат да останат земјоделски производители, фармери, лозари, овоштари, треба да го прифатат умниот совет на американската земјоделска организација за самопомош наречена „Прериски огин”. Советот е страотен: За вас драги фармери нема шанси. Затоа, искористете ја шансата! Преселете се во градовите и побарајте некоја работа. Бидејќи ситуацијата ќе биде уште потешка. Одлучете се?! Ќе продолжите да страдате на вашите фарми и ќе биете битка за опстанок, или ќе ја искористите шансата што ја немате”?! Апсурдно, но вистинито!!

Советот се дава во земја којашто обезбедува една третина од севкупниот банкарски капитал (алоциран во над 2.500 банки во САД) да биде пласиран во земјоделското производство и капацитети. Земја којашто е светски гигант во производство на храна и најголем извозник на земјоделски производи, семиња, заштитни средства и механизација!

СТРАОТНИ СТАТИСТИЧКИ ПОКАЗАТЕЛИ ЗА СОСТОЈБАТА ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Споредбените податоци во сточарството како една од најтрадиционалните гранки во земјоделството упатуваат на огромна загриженост. Бројот на овците во Р.Македонија во 2022г. изнесувал 646.388 додека во 2000г. имало 1.250.686 овци. Опаѓањето изнесува безмалку 50 отсто?!

Бројот на крупен добиток во 2022г. изнесувал 164.751 грла додека во 2000г. крупниот добиток бил застапен со 264.968 грла. Крупниот добиточен фонд е намален за повеќе од 40 отсто?! Истиот тренд се пренесува и на живината. Во 2022г. во Р.Македонија имало 1.561.933 живина додека во 2000г. живинарското јато изнесувало 3.713.369 броја! Намалувањето на живината е за повеќе од 50 отсто?!

Консекветно со опаѓањето на сточниот фонд е и опаѓањето на производството на месо. Пример, ако во 2022г. се произведувало 4.415 тони говедско месо во 2000г. производството на говедско месо изнесувало 7.287 тони! Проиводството на говедско месо е намалено за 40 отсто за дваесет и две години. Се разбира дека последици од овој негативен тренд има и праработувачката индустрија на месо што резултирало со затварање на поголем број претпријатија од оваа стопанска гранка. Ако во 2022г. се произведувало 3.992 тони јагнешко месо, во 2000г. производството изнесувало 4.919 тони. Негативната разлика е околу 1.000 тони јагнешко месо. Треба да се напомене дека Р.Македонија по сукцесијата ја наследи Југословенска квота за извоз на јагнешко месо од 3.000 тони во Унијата а веќе во 2000г. извезуваше над 4.000 тони јагнешко месо во ЕУ. Можностите за пласман на јагнешко месо во Унијата се огромни, но исто така треба да се посвети внимание и на пазарите на Блискиот Исток.

Трендовите на намалување на производството се забележливи и во делот на производството на пченица. Во 2023 г. се произведени 215.165 илјади тони пченица, додека во 2000г. се произведувало 299.356 илјади тони пченица. Намалувањето изнесува над 80.000 тони лебно жито. Опаѓање се забележува и кај лозовите и овошните насади. Ако во 2023г. се произвело 149.006 илјади тони грозје, во 2000г. се произведувало 264.856 илјади тони грозје. Особено е загрижувачко опаѓањето на лозовите насади со вински сорти што резултира со намалено производство на вино и ракија а тоа значи и помал приход од акцизите на алкохол во Буџетот на Р.Македонија. Овошните насади со праски, јаболки, круши..,исто така бележат опаѓање на производниот потенцијал а тоа има рефлексија во работењето на капацитетите од конзервната индустрија. Единствено градинарските производи-конзумни и индустриски домати, пиперки, морков, модар патлиџан, компир и кромид задржуваат континуитет во производството и оддреден незначителен раст.

ШТО НИ ПРЕОСТАНУВА НАМ КАКО ЗАДАЧА ВО ИДНИНА

Ни преостанува одговорот на прашањето - какво земјоделство сакаме да имаме?! Дали посакуваме согласно со новиот просторен план на Република Македонија да имаме многубројна земјоделска популација со консолидирани земјоделски и фармерски површини? Тој концепт ќе овозможи развој на многубројни мали гратчиња во Македонија со локални дисперзирани основни училишта, примарна медицинска заштита, развиен локален транспорт и јавен сервис, достап до интернет услуги, што ќе значи преобразба на руралните населби во мали урбани центри. За да се реализира таквиот начин на организација на земјоделско производство, што де факто ќе овозможи и развој на руралните подрачја во државата, потребен е нов концепт во земјоделството. Новиот концепт бара и нови институции. Впрочем, тие институции и беа формирани во периодот кога по потпишувањето на Спогодбата за стабилизација иа асоцијација Р.Македонија со ЕУ во 2001г. отпочнаа и преговорите со Унијата. Да подвлечам, преговаравме успешно и се изборивме за европски третман на нашето земјоделство. Тие институции беа Фондот за земјоделство и Фондот за вино. Беше изработена и студија за Македонска Агро-берза. Се стигна до таму да се направи договор со државната берза во Варшава, којашто требаше да откупи малцински пакет од капиталот на нашата Агро-берза. Варшавската берза ги снабдува со земјоделски производи не само граѓаните на Полска туку ги снабдува и Балтичките земји, половина Чешка и поранешна Источна Германија! На Агро-берзата ќе се среќаваа производителите, заштитарите, претпријатијата коишто продаваат семиња и саден материјал, претставници од пакувачката индустрија, транспортерите и трговците. Купопродажбата на земјоделските примарни и преработени производи ќе се одвиваше по аукциски пат. На тој начин ќе се елиминираа накупците и прекупците, ќе се разрешеше проблемот со “зелената мафија” и сивата економија во земјоделскиот сектор.

Овој концепт очигледно некому сметаше во државата. Се избра принципот - „не се замерувај со зелената мафија” затоа што тоа ќе имаше политички импликации! Со тоа се одлучи да се развива земјоделското производство по суров капиталистички терк и да не се води грижа за социјалната димензија. Производство и само производство. Обрт на капиталот. Профит!! Што беше тоа категоријата луѓе?! За вакви сериозни прашања државата во иднина ќе мора да го вклучи цивилното општество и јавноста. Не преку фаворизираните таканаречени невладини организации од Балкански тип. Туку вистински анкети и едукативни емисии, организирани на национално ниво, платени од Буџетот на државата!! Буџетот не служи само за рекламирање на ликот и делото на одделни министри или политичари, туку и за корисни работи. Резултатите од анкетите ќе бидат инструктивни. Ќе ни покажат дали Македонското население е информирано за кризата во земјоделството. Дали луѓето знаат каква е Европската и Американската аграрна политика. Конечно, до израз ќе дојде и социолошката димензија на општеството. Свеста за потеклото на многу граѓани на Македонија. За многу луѓе овие општествени процеси значат и носталгија. Враќање кон детството и младешките спомени!

Со такви постапки ќе се промени општествената мисла за професијата земјоделец. Ќе се постават нови фундаменти за афирмација на моралот, честитоста и цврстината на земјоделската фамилија. Во тој контекст ќе бидат потребни измени во Законот за земјоделско земјиште, во делот на агломерација и консолидација на земјоделското земјиште. Исто така ќе мора да се донесе нов Закон за здружување на земјоделците којшто ќе обезбеди поголема ефикасност, рентабилност и продуктивност во земјоделскиот сектор!

Пак се навратувам на основниот проблем на Македонското земјоделство. Паричните средства. Десетина години работев во одделот за кредитирање на земјоделство во една наша банка. Тоа беше во почетокот на осумдесеттите години. Оттогаш поминаа триесет и пет години и ништо не е променето во односот на банкарскиот систем кон Македонскиот агрокомплекс. Се е исто. До кредит можете да дојдете ако сте човек ѓон, со нерви од челик и достоинство рамно на нула. А се промени се во Македонија. Системот се смени. Продукциониот однос е друг. Сопственоста е доминантно приватна. Политиката е навидум поинаква. Ама до пари земјоделецот не може да дојде!

Ако се спореди колку земјоделското производство учествува во Бруто општествениот производ (БОП) на државата со инвестираните средства за развој во Агрокомплексот, ќе се забележи огромна дискрепанца во бројките. Земјоделскиот сектор учествува со над 60 (шеесет) милијарди денари во БОП на државата за 2022г. или поточно со 7,4 отсто, а во вкупните инвестиции од над 180 (сто и осумдесет) милијарди денари во Р.Македонија во истата година, инвестициите во земјоделството учествуваат само со околу 4 милијарди денари или околу 0,02 отсто?! Прикажаните финансиски индикатори застрашуваат со својата нерамномерност и јасност до кое дереџе е дојдено земјоделството.

ЗАКЛУЧОК

Како и да е, пари нема и никогаш немало доволно за земјоделскиот сектор на Македонската економија. Максимата „народ којшто знае да ја почитува и да ја чува земјата има стабилна, сигурна држава и иднина” е само уште една мислечка порака. Се плашам дека не се загрозени само традицијата и облиците на човечка егзистенција со непочитување на луѓето што живеат од земјата.

Чинам дека во Македонскиот случај е загрозен и опстанокот на државата!

Автор: Марјан Ѓорчев


Администратор
04/05/2024 07:03