ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Иванов: Полиграфот ја детерминира лагата од вистината и помага во расветлување на кривичните дела

Костадин Иванов – полиграфист во МВР/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Полиграфското тестирање во светот има долга историја и традиција во криминалистичките истраги, но и во безбедносните служби за утврдување на лојалност и интегритет, а кај нас во Министерството за внатрешни работи се користи од далечната 1984 година. Единствениот сертифициран полиграфист во МВР Костадин Иванов за „Слободен печат“ ги открива тајните на полиграфската техника и како полицијата и другите истражни органи ја користат во својата работа.

-Членовите 28 и 65 од Законот за полиција го дефинираат начинот и местото каде се користи полиграфот и полиграфската техника. Согласно чл. 28 полиграфското тестирање е едно од полициските овластувања што значи дека преку полиграф може да тестираме кривични и прекршочни дела. Најчесто кај нас е употребува за расветлување на кривични дела во кривичните постапки, најчесто во предистрага, а може да биде и во процес на истрага, вели Костадин Иванов.

Полиграфот кој ги отчитува невропсихофизиолошките реакции на испитаникот, според Иванов дава веродостојни резултати кои се статистички пресметливи.

-Резултатите се доста веродостојни бидејќи станува збор за техника која веќе има, во последниве 20 години, научно потврдени техники и методи коишто се инкорпорирани во самата полиграфска техника и со нивна употреба веќе имаме валидизирани или математички и статистички пресметливи резултати. Резултатите во полиграфијата можат да бидат вистина, лага или нема мислење односно неопределен резултат, со тоа што секој од тие добиени резултати е пресметлив математички и може да се изрази преку формула и да се докаже како е стигнато до конечниот резултат, вели полиграфистот Иванов.

Суштината на полиграфот или популарниот детектор на лаги е црната кутија со која се поврзани повеќе сензори кои се прикачуваат на телото на испитаникот.

-Оваа црна кутија за полиграфските експерти е кутијата којашто ја детерминира лагата од вистината. За нас сите реакции коишто се трансферираат од овие сензори во кутијата и од полиграфската кутија во софтверот на компјутерот којшто е инсталиран, гледаме дали испитаникот којшто е предмет на криминалистичка истрага, лаже или ја кажува вистината. Така што во суштина оваа црна кутија претставува полиграф или детектор на лага, познат во некои кругови, а овие сензори се контактни, се поставуваат контактно на телото на секој испитаник и се поврзани со оваа кутија и понатаму ги трансферираат информациите преземени од човечкото тело на софтвер и таму се читаат реакциите, вели Иванов.

На црното столче кадешто седнува испитаникот кој е предмет на полиграфско тестирање, има сензори за движење на седиштото и под нозете, додека на телото се аплицираат неколку други: плетизмограф на средниот прст, два пнеумосензори над и под срцето кои го следат дишењето, два електродермални сензори на показалецот и венчалниот прст, а на десната рака се поставува манжжетна која ја следи кардиолошката работа на телото. Пред полиграфското тестирање се мери крвен притисок, евентуално и телесна температура. Но, вели Иванов, ниту еден испитаник не седнува на црното столче во полиграфската лабораторија на МВР без да даде усмена и писмена согласност или ако има состојби кои се дефинирани во Законот за полиција и поради кои не може да се реализира полиграфско иследување.

-Тоа што го мери полиграфскиот апарат се отстапки во невропсихофизиологијата во секое човечко тело. По даден стимул од моја страна како полиграфски експерт кон испитаникот во форма на прашање, кое најчесто е некое критично и не многу пријатно прашање и по дадениот одговор од страна на испитаникот, во тој момент, во тие неколку секунди настануваат бурни реакции од невропсихофизиолошки аспект во телото на секој човек. Не дека тие претходно ги немало, меѓутоа земаме кое е базично однесување на невропсихофизиологијата на човекот во моментот и ја споредуваме со отстапките коишто се случуваат при поставено прашање од моја страна и при добиен одговор од страна на испитаникот, вели Иванов за работата на полиграфот.

Но додава дека ниту еден испитаник, кој може да биде осомничен или обвинет или пак сведок или жртва на некој кривичноправен настан, веднаш не седнува на полиграф зошто испитувањето има свои пет етапи во криминалистичките случаи кои задолжително мора да ги помине полиграфистот, но и испитаникот.

-Првата етапа е анализа на настанот и ние вршиме експертска анализа со цел да ги направиме соодветно прашалниците за да добиеме соодветни информации за испитаникот и како со него да го водиме предполиграфското интервју кое е втора фаза од разговорот откако веќе ќе дојде лицето кај нас. Тоа предполиграфско интервју трае многу, некогаш со часови зависно од кривичното дело и тука се обидуваме да добиеме што повеќе информации во врска со настанот така и во врска со лицето: за кој станува збор, негови лични карактеристики, го анализираме невербалното, паравербалното и вербалното поведение на лицето, да видиме кој е неговиот став, неговото мислење во врска со кривичното дело за коешто се води официјална истрага. Согласно чл. 65 од Законот за полиција секој испитаник мора да даде усмена и писмена согласност за полиграфот. Им кажуваме дека доаѓаат во функција на сведоци и така се создава прво меѓусебна доверба, а понатаму знаат дека ова не е нешто репресивно, од типот некој се носи, се седнува, се врзува, такво нешто нема кај нас, вели Иванов.

Сепак резултатите од полиграфското испитување не се ниту единствен ниту доволен доказ некој да биде ослободен или прогласен за виновен за кривично дело туку се потребни и други форензични и материјални докази, вели Иванов. Но седнувањето на полиграф посебно на сопствено барање го компресира и времето на истрагата, но и контуниураниот страв и стрес којшто може да тлее за време на кај инволвираните посебно кога постапките кои најчесто се долги и стресни доколку се работи за невино лице. Приклучувањето на сензорите од полиграфот е прилично нелагодно, се уверивме и самите, но резултатите кога се даваат точни и вистинити одговори на прашањата од полиграфистот може да бидат од корист за субјектот кој е под истрага.

-Сам по себе еден доказ не може да означува дека лицето има дефинитивна вина. Давам пример, доколку во една кривична постапка за да се осуди одредено лице. Доколку на судијата му требаат седум материјални докази со полиграфскиот извештај и со можеби уште два или три докази од материјален аспект којшто укажуваат на мислењето дадено во полиграфскиот извештај можеби судијата би бил сигурен да донесе одлука и да пресуди во тој случај, нагласува полиграфистот.

Иванов во изминатиот период учествуваше и во јавната расправа по предлогот на националниот координатор за интегрирано гранично управување, проф. д-р Владимир Пивоваров за воведување на полиграфско тестирање за утврдување на чесност и интегритет кај државните службеници од пограничната линија, се со цел да се намали корупцијата кај полициските, царинските и инспециските служеници кои работат на граничните премини.

-Мојот став дека полиграфското тестирање на лојалност и интегритет на било кој вработен во било која безбедносно ризична служба или институција е алатка на новиот век којашто може многу да помогне во борбата против корупцијата, вели Иванов.

Целиот разговор и експерименталното полиграфско тестирање погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот