Изборната кампања за двојните избори влегува во втората половина

Продолжуваат средбите со граѓани и митинзи во повеќе региони од државава на која лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, ги презентираат своите изборни програми за претстојните парламентарни и претседателски избори. Остануваат уште девет дена за кампања во која учесниците на изборите ќе можат да се претстават. 

Кандидатот за претседател поддржан од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Стево Пендаровски, денеска ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово. 

Гордана Силјановска Давкова, кандидатката на ВМРО ДПМНЕ, исто така ќе биде на средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола. 

Претседателот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид, додека, во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе се сретне со граѓаните на Струга и Дебар, а првиот човек на Демократското движење, Изет Меџити, дел од Коалицијата „Вреди“ во рамките на изборните активности ќе даде изјава за медиумите во 12 часот во близина на „Веро“ во Чаир.