Првите рендери покажуваат како ќе изгледа електричниот автомобил Vandervell кој компанијата Vanwall ќе го изработи во само 500 примероци и ќе го понуди по цена од 128.000 евра

Зад името Vanwall се крие еден од поуспешните Formula 1 тимови од педесеттите години на минатиот век, основан од британскиот индустријалец и ентузијаст за трки Тони Вандервел, а кој го возеле многу познати тркачи од тој период, меѓу кои и Стирлинг Мос.

По повеќе од шест децении од последната трка во Formula 1, името Vanwall се враќа на сцената како ексклузивна автомобилска компанија, заедно со тркачкиот оддел чиј прототип на хиперавтомобил Vanwall Vandervell 680 ќе го има своето деби во Светскиот шампионат во трка за издржливост на FIA (WEC – World Endurance Championship).

Vanwall ќе го произведува електричниот двоволуменски модел Vandervell во Германија, а ќе го нуди во верзии S и S Plus. Познато е дека карбонската каросерија ќе биде поставена на тркала од 22 инчи, а откриено е дека и двете верзии ќе имаат погон на сите тркала. Електромоторите ќе произведуваат 320 коњски сили во послабата верзија, а батериите (чиј капацитет не е откриен) ќе обезбедат автономија до 450 километри.

Помоќниот Vandervell S Plus ќе го придвижуваат 587 коњски сили, што ќе биде доволно за забрзување од 0 до 100 km/h за 3,4 секунди, а автомобилот ќе може да помине и до 420 километри со едно полнење на батеријата.

Vanwall ќе го изработи Vandervell во само 500 примероци, а првите испораки до клиентите кои се подготвени да потрошат 128.000 евра ќе започнат во третиот квартал од оваа година.