Стевчо Јакимовски: Македонија не смее да води еднонасочни политики

Кандидатот за претседател на државата од ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија” Стевчо Јакимовски вечерва од плоштадот „Магнолија” во Битола оценувајќи го досегашниот тек на изборната кампања за претседател на државата, истакна дека тоа што нема телевизиски дуел меѓу претседателските кандидати е срам за македонската демократија.

-Тоа што нема дуел е срам за Македонија, срам за демократијата. Тоа само покажува дека имаме кандидати кои зедоа по 1 милион и 650 илјади евра и се рекламираат небаре се фолк ѕвезди, но, во исто време тоа што го зборуваат и тоа што го предлагаат, не се подготвени да го спротистават со своите противкандидати. Јасно е дека тие не се подготвени за разговор, тие не се подготвени за дијалог со своите колеги во предизобрната кампања, тогаш се поставува прашањето, како ќе ја водат државата и како ќе воспоставуваат дијалог меѓу власта и опозицијата,но, во суштина тука се крие нивната неспособност, нивното незнаење во минута и пол да концепираат квалитетна мисла. Тоа во суштина е стравот  дека ќе се види дека царот е гол. Јас не можам да го разберам Стево Пендаровски после 5 години претседателски мандат да бега од дуел. Во исто време, се чудам за госпоѓата Силјановска-Давкова да избегнува дуели, коишто на граѓаните практично треба да им овозможат да ја видат понудата на лице место и врз база на таа понуда граѓаните да донесат одлука-порача вечерва од Битола, претседателскиот кандидат на ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија” Стевчо Јакимовски.

Тој упати остри критики на последните изјави на претседателскиот кандидат на ДУИ и „Европскиот фронт” Бујар Османи.

-Мене ми е жал што господинот Бујар Османи во оваа изборна кампања не можам да го слушнам да каже нешто за животот во Македонија и за подобрување на животот на граѓаните, туку ни пропагира политика на жирафи. Жирафата млекото го дава кај комшијата а јаде од кај вас дома. Цело време го слушаме како бери гајле за Косово, но, никако да предложи нешто за подобар живот за граѓаните на Република Македонија. Ни кажува дека ако Косово не биде повикано на некој состанок, тој немало да присуствува како претседател на Република Македонија, или дека морало да се гласа на Косово во Советот на Европа. Јас само би го прашал Османи, зарем Македонија не стори доволно за Косово? Го дадовме небото за да биде бомбардирана СР Југославија, дадовме простор во Катланово, Петровец и во Куманово за воени бази на НАТО за напад на СР Југославија од Македонија. Го признавме Косово, ја маркиравме границата и досега сме гласале во сите институции за Косово. За возврат Косово и Албин Курти се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и кога јас ќе бидам претседател, ние мора да му покажеме и на Косово и на Курти дека ние сме држава, а тој не е, и дека натаму тој нема да добива наша поддршка. Но, во исто време сакам да го прашам господинот Османи, дали тој води сметка дека во оваа држава има и други етнички заедници и води ли сметка дека ние имаме и некој друг сосед. Што лошо ние имаме со Србите? Покрај тоа што сме го дале небото за бомбардирање на Србија, Србите ни ја признаа црквата, чесно вратија тоа што го зеле во 1918 година, се однесуваа крајно комшиски за време на короната и ние не можеме да ги нарушуваме односите со така голем сосед и еден од најголемите трговски партнери на Република Македонија. Ние мора да имаме балансиран однос со сите соседи, Грција, Србија и Бугарија.

Не можеме да водиме политики кој како сака и само да бидат еднонасочни-рече Јакимовски притоа додавајќи дека предлогот на Бујар Османи Македонија да излезе од „Отворен Балкан” е штетен предлог.

-Кој е интересот да излеземе оттаму? Напротив, ние треба да го развиваме „Отворен Балкан” и сите балкански држави треба да се потрудиме дури и да водиме заедничка надворешна политика наспроти Европската унија која се однесува потценувачки и негаторски према земјите од Западен Балкан- изјави вечерва во Битола, кандидатот за претседател на државата од ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија” Стевчо Јакимовски.

Текст и фото: Васка М.Младеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот