За пазарџиите нема слободен ден, темпото го диктираат конкуренцијата и расипливоста на плодовите

Зеленчук на Бит-пазар / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Во земјава има зелени пазари на кои најзначаен пазарен ден им е неделата, а конкретно за закупците во Гевгелија и во Богданци и единствен. Неофицијалните бројки говорат дека околу 5.000 закупци продаваат на тезгите во педесетина општини, а 70 отсто се ангажирани од земјоделски производители

За закупците на тезгите на зелените пазари речиси и да нема слободен ден. Особено кога почнува „зелената“ сезона, тие турбо ја одработуваат целата недела, а темпото им го диктираат конкуренцијата и расипливоста на плодовите.

Законски, трговците што работат во недела, како на пример моловите, имаат право на една пауза во текот на неделата, но пазарџиите се шегуваат дека „шефот не им дава слободен ден“. Дел од нив по осумчасовната присутност на тезга, попладнињата ги минуваат на нивите и во градините за да имаат свежи плодови за наредниот ден.

Има и такви што ги фаќа „зимски сон“ од ноември до март, а причина за тоа е недостигот од зеленчук или, пак, неговата прескапа цена во тој период, но и за тие месеци уредно си ги плаќаат тезгите. Месечниот закуп за тезга што се наоѓа во некоја од редиците чини 5.750 денари, додека аглите, демек како поатрактивни се поскапи и за нив се плаќаат над 6.000 денари.

– Ние сме и газди и работници, а дел од нас се и земјоделци. Свежите плодови не трпи пауза, особено ако стои заклучена под тезгата, таа е речиси неупотреблива следниот ден. Или ќе се фрли или ќе се продава и под набавната цена. Штом ќе почне пролетната сезона, речиси сите се секојдневно отворени, па иако работиме во недела, најголемиот дел доаѓаат и во понеделник. Ударните денови се вторник и петок, а најголем промет има кога се примаат пензиите. Добар е прометот и за време на паузите на службениците, а сега кога денот е поголем, ги сочекуваме и по 16 часот кога си одат дома. Од овде трчам во нива и вадам свежи салати, кромитчиња, магданос, ‘рдокви за да имам што да продавам следниот ден – раскажува Јагода од Скопје.

Во земјава има зелени пазари на кои најзначаен пазарен ден им е неделата, а конкретно за закупците во Гевгелија и во Богданци и единствен. Во текот на дискусиите за воведувањето на неделата како неработен ден, тезгаџиите покажаа голем отпор кон идејата. Нивната тогашна пресметка покажа дека во тој случај голем број продажни тезги низ државата ќе останат неангажирани, од кои само на пазарите во Скопје со кои стопанисува „Скопски пазар“ – 2.500, во Велес околу 350, во Кавадарци околу 200, од кои 70 отсто се тезги ангажирани од земјоделски производители, во Тетово 166…

– Ако пазарите престанеа да работат во неделите во голем дел од градовите, ќе се почувствуваше и пад на приходите и по основ на таканаречените „дневни договори“, бидејќи таму тезгите се ангажираат на дневна основа – предупредија од Стопанската комора на Македонија.

Иако нема прецизни податоци, неофицијалните бројки говорат дека околу 5.000 закупци продаваат на тезгите во педесетина општини, а 70 отсто се ангажирани од земјоделски производители.

– Трговците на мало на зелените пазари се евидентираат само во регистарот на УЈП – како вршители на фактичка дејност трговија, за која не водат трговски книги за промет, а за извршениот промет плаќаат паушален данок. Тие не се вон системот и би можеле да се третираат како „самостојни вршители на дејност“, затоа што законот им обезбедил да вршат дејност и остваруваат егзистенција како фактички трговци. Но тие не можат да се подведат под работници, во смисла на Законот за работни односи, бидејќи немаат свој работодавач – велат експертите за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот