Издавачката куќа „Слово“ од Скопје ја промовираше книгата „Биографија на аналогниот магнетофон“ од Вангел Башевски-Барми, научно-популарно издание кое главно се занимава со историјата на аудиотехнологијата и музиката.

-Овој интердисциплинарен научен труд на Башевски содржи елементи од акустиката, електротехниката, аудиовизуелните уметности и други сфери. Поконкретно, тој се занимава со развојот и примената на аналогниот магнетофон, највлијателниот изум за звучно снимање. Медиум за таа намена некогаш била магнетофонската лента, на која биле зачувани најбитните дела на музичката уметност, како оние на Синатра, Елвис, Битлси и безброј други странски и домашни имиња, соопшти издавачката куќа.

Книгата е во продажба во книжарници, а наскоро ќе може да се нарача преку сајтот на списанието „Емитер“.

-Целна група се: музичарите, аудиофилите, филмофилите, електротехничарите и оние кои студираат во тие сфери, како и оние кои го следат т.н. ретро-тренд, кој е доста застапен низ светот, наведува „Слово“.

Издавачот укажува и дека книгата била цел на пиратство и нејзини, како што посочува, дефектни примероци се украдени и илегално продавани.

-Легитимниот тираж на книгата е печатен во странство, а се познава и по т.н. QR-код, кој смартфоните на читателите ги води до веб-страната на авторот. Тој замолува да биде известен ако некому в рака паднал таков примерок. Неколкумина читатели ќе можат да го заменат за легитимен примерок со разумна доплата, чија смисла е да се обесхрабрат „пиратите“, информира издавачката куќа.

Авторот Башевски дипломирал во областа на звучниот инженеринг. Тој е блогер, фриленс-новинар, издавач, радиоводител и рок-музичар.


Администратор
27/02/2023 10:59