Достапни линкови

Зеленски: Над 31 илјади украински војници убиени во војната


Претседателот на Украина Володимир Зеленски на прес-конференција. Киев, 25 февруари 2024 година
Претседателот на Украина Володимир Зеленски на прес-конференција. Киев, 25 февруари 2024 година

Претседателот на Украина Зеленски кажа дека над 31 илјади украински војници и десетици илјади цивили се убиени во војната. Зеленски одржа прес-конференција во Киев на двегодишнината од руската инвазија. Тој се надева дека напролет ќе има самит на светските лидери во Швајцарија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 25 февруари рече дека 31 илјади украински војници се убиени од почетокот на руската инвазија пред две години.

Тој изрази надеж дека самитот на светските лидери ќе се одржи во Швајцарија во наредните месеци на кој ќе се разговара за неговата визија за мир.

Зеленски, на прес-конференција на 25 февруари исто така, рече дека се убиени и десетици илјади цивили.

„Не 300.000, не 150.000, ниту, за како што лажеше [рускиот претседател Владимир] Путин и неговиот измамнички круг. Но, сепак, секоја од овие загуби е голема жртва за нас“, рече тој.

Зеленски рече дека нема да разговара за бројот на повредени, наведувајќи безбедносни причини.

Прв официјален податок за бројот на загинати

Се чини дека тој број е првиот официјален податок за загинати украинските војници. Последен пат кога Киев зборуваше за бројот на борбени загуби беше на крајот на 2022 година, кога претседателскиот помошник Михаило Подољак рече дека биле убиени од 10.000 до 13.000 украински војници.

Зеленски тврди дека Русија изгубила 180.000 војници, кои се убиени и 500.000 ранети во војната, бројки многу повисоки од другите проценки, но невозможни да се потврдат. Русија не ги открива своите воени загуби.

Надежи за мировен самит во Швајцарија

Швајцарската претседателка Виола Амхерд на 24 февруари рече дека неутралната Швајцарија се надева дека ќе биде домаќин на мировна конференција на високо ниво во следните неколку месеци.

„Се надевам дека [самитот] ќе се одржи оваа пролет. Не смееме да ја изгубиме оваа дипломатска иницијатива“, рече Зеленски на прес-конференцијата во Киев на 25 февруари, по повод одбележувањето на двегодишнината од целосната инвазија на Русија врз неговата нација.

Тој додаде дека очекува мировната иницијатива да и биде претставена на Москва.

Зеленски рече дека победата на Украина во војната зависи од континуираната поддршка на Западот, која се соочи со отпор главно од пратениците на Републиканската партија во Соединетите Американски Држави.

Тој на прес-конференцијата рече дека е „сигурен“ дека суштински потребниот пакет помош на крајот ќе биде одобрен во Конгресот на САД.

„Дали Украина ќе загуби, дали ќе ни биде многу тешко и дали ќе има голем број жртви зависи од вас, од нашите партнери, од западниот свет“, рече Зеленски.

Тој рече дека „има надеж за Конгресот. И сигурен сум дека тоа ќе биде позитивно“.

Русија започна целосна инвазија на Украина пред точно две години, на 24 февруари 2022 година.

XS
SM
MD
LG