Покрај да им се допаднат на гласачите, партиите си се додворуваат и за формирање политички бракови

Кој е во офанзива а кој во дефанзива . Кој ќе ја направи идната владина коалиција додека  расте нетрпението и нетолеранцијата во политичките говори на лидерите на партиите кои претендираат да бидат дел од идната влада.  И денеска лидерите со меѓусебни клучни пораки откако лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски му порача на Ахмети дека ова не е бинационална држава ниту пак федерација .

Од ДУИ пак со порака дека одговорноста за мир и стабилност на земјата ја имаат двете најголеми  заедници и дека нема власт без победникот во албанскиот политички блок .

И од албанскиот опозициски блок со порака до нивните политички опоненти ДУИ дека како што велат поминато е времето на интегративците  и дека  единствен легитимен претставник на Албанците во земјата биле токму тие .

Сепак како дел од идната влада се гледаат и движењето ЗНАМ откако лидерот на партијата Максим Димитриевски денеска на пресконференција за медиумите уште еднаш ги изнесе ставовите на партијата но и условите кои ги имаат  околу евентуалните идни коалицирања .

Лидерот на СДСМ Ковачевски пак и вчера на средбите со граѓани испрати порака дека нема откажување и дека очекува подобар изборен резултат на изборите на 8 мај . 

До крајот на кампањата останува уште точно една недела а реториката меѓу партиите кои го трчаат изборниот процес се повеќе кулминира со меѓусебни прозивки кои најчесто лидерите и водачите на коалициите си ги испраќаат од говорниците на митинзите .