• Горан Упале

„Манчестер Ивнинг Њуз“ го објави можното лудо темпо што ги очекува некои играчи на Манчестер Сити. Како што наведува, ова се однесува на Едерсон и Савињо, а можеби и на Клаудио Ечевери и Витор Реис, кои во текот на летото би можеле да одиграат десет натпревари на три континенти и ќе поминат околу 26.000 километри.
„Сите четворица реално би можеле да се појават на последниот натпревар на Сити во Премиер лигата против Фулам во недела, на 25 мај. Десет дена подоцна Бразил и Аргентина имаат натпревари во квалификациите, закажани за четврти и деветти јуни. Доколку не се повредени, Едерсон и Савињо сигурно ќе бидат повикани во националниот тим“, се наведува во текстот и нивната можна рута.
Бразил тогаш ќе патува за Еквадор пред да биде домаќин на Парагвај во квалификациите за Светското првенство. Исто така дуото на Сити би било клучно на Светското клупско првенство кое започнува на четиринаесетти јуни и ќе трае до тринаесетти јули. Првиот натпревар на Сити е на 18 јуни против Видад, а доколку Сити отиде до крај во натпреварувањето, Едерсон и Савињо би можеле да одиграат десет натпревари за седум недели на три континенти.
Патувањето од Обединетото Кралство до Еквадор, а потоа до Бразил би било околу 13.000 километри. Потоа следуваат нешто повеќе од 6.000 километри до Филаделфија, каде Сити ја започнува својата кампања на Светското клупско првенство, а преостанатите два групни натпревари ќе вклучуваат дополнителни 2.000 километри патување.
Максималното растојание кое Сити би можело да го помине за да стигне до финалето би било нешто повеќе од 4.000 километри. Тоа би значело вкупно патување од речиси 26.000 километри низ десет временски зони. Англиските медиуми сето тоа го опишуваат како „неподносливо“.