Дивиот капитализам ја уништува македонската економија – дел 1

  • Пишува: Левица – сектор економија

Благосостојбата на Македонија во 21 век зависи единствено од трудот на Македонците, без разлика дали е тоа интелектуален или физички труд. Без разлика дали и кога ќе влезе во Европската унија или некоја друга економска/политичка заедница, ќе мора да се создаде и развива економија, која ќе биде основана на компаративните предности на Македонија како држава, земја и менталитет.

Веќе 20 години, забележителен е бранот на иселување во Западна Европа, каде Македонците се познати како вредни и способни работници. Работнната сила и нејзините квалификации не се проблем и кочничар на македонската економија. Едноставно, секој човек сака трудот достоинствено да му се цени. Оттука, единствена причина за иселувањето на работоспособното население од Македонија е лошото раководство на државата и лошите политики на политичките партии. Во последните 30 години, државата не успеа, или поточно не сакаше да го заштити работникот. Политиката за „развој“ на економијата се темелеше на строго приватна иницијатива, на која и беше гарантирана „заштита од работниците“. Политичарите ја прогласија државата за „лош домаќин“ – по дефиниција и успешно го продадоа примерот на западните земји, кои ја развија својата  економијата врз капиталистички и пазарни основи. Но заборавија да спомнат дека западните земји ја развиваа својата економија во текот на последните три-четиристотини години преку експлоатација на колониите во третиот свет. Пазарните услови во односите западни земји – колонии не важаеа и сеуште неважат. Разумен заклучок е дека развиен пазар и капитализам неможе да опстои без колонии за ефтини, т.е. бесплатни суровини, кои во исто време се и резервни пазари за пласирање на вишокот индустриски производи.

Македонскиот капитализам во деведесеттите години на минатиот век почна да се експлоатира, односно, да се јаде себеси. Приватното претприемништво се раѓаше и се развиваше на урнатините на поранешните општествени претпријатија и опстојуваше некое време, се додека имаше економска логика да се распродаваат останатите материјали за репродукција или атрактивните недвижности – деловен простор, фабрички хали, складови – од пропаднатите општествени претпријатија.

По двеилјадитата година, оние приватни бизниси кои останаа, се развиваа единствено врз основа на примитивна експлоатација на трудот, за минимални плати, без здравствено и пензиско осигурување, без можност за напредок во кариерата, без достоинство!!!

Од друга страна новопечените претприемачи – газди и капиталисти не успеаја (не знаеја) да развијат нови производи, не успеаја да имплементираат иновации ниту сакаа да ги жртвуваат награбаните средства за нови инвестиции.

Денес, кога Западна Европа ги отвара вратите за вредните македонски работници, приватниот бизнис „се крсти“ во увезени работници од некои азиски земји, кои за жал се во уште потешка економска положба од Македонците.

Странските инвестиции, пак, ја следеа капиталистичката економска логика за да инвестираат што помалку а да добијат што повеќе. Затоа, денес, имаме ситуација на „летечки“ странски инвестиции, кои можат во било кој момент да ги соберат средствата за производство и да ги преселат во други земји каде трудот е поевтин а државните субвенции се побогати (Во моментот на пишувањето на овој текст, актуелна вест е можен стечај на белгиската компанија за производство на автобуси Ван-Хол).

Дивиот капитализам ја погребува македонската економија, а законите на економската наука се неумоливи – за развој е потребна акумулација на капитал и инвестиции!

Излез од ваквата економска ситуација постои, и не е нов!

Пред 80 години, државата Југославија ја презеде економската иницијатива и определи стратешки стопански гранки кои станаа водечка сила на југословенската економија.

Со овој „свеж“ пример, се докажа дека државата е моќен економски играч и има можност да акумулира инвестициски капитал.

Македонија може да тргне по истите стапки!