Аспергеровата болест е форма на високофункционален аутизам. Таа е дел од моето презиме. Јас живеам со тоа. Го сакам прекрасното, необично момче што живее во мојот син. Малиот Аспергер можеби на почетокот не е очигледен, но како што одминува времето, ви станува сѐ појасно и појасно.

Течно зборува и има просечна интелигенција.

Тој е робустен, но и срамежлив. Ништо не зема здраво за готово.

Сè мора да му се објасни. Ваквите деца се шармантни и имаат многу необична комуникација. Така се препознаваат. Имаат цел свет во себе и го споделуваат со нас. Го кажуваат она што другите никогаш не би ни сонувале да го кажат. Нивната искреност е доблест колку што е и маана. Тоа е тешко да се промени. Тие имаат одредени фиксации кои заземаат историски размери. Се разликуваат едни од други, така што зборувањето во множина е глупаво.

Мојот син ме има мене. Јас сум негов пријател. Јас сум верна и лојална. Мојот син на десет години веќе го изневерија и јас морав да му го објаснам тоа. Најголемиот предизвик за децата со Аспергеров синдром лежи во социјалните односи. Работам на тоа. Го носам на настани само за да запознае некого и да научи да комуницира. Но, тоа има и цена.

Го однесов на фестивал на ќебапи. Одненадеж ми рече дека луѓето нè следат со погледот и можат да „читаат“ што тој мисли. Тоа е социјална фобија. Многу тешко го поднесов тоа. Додека другите мајки јадат со своите деца и се смеат, јас треба да му објаснувам на син ми што претставува фестивалот и дека никој не нѐ гледа, а на луѓето морам да им објаснам дека не можат да седат со нас. Потоа некој лик седнува баш со нас покрај толку други маси – и сфаќам дека тој има право на тоа бидејќи ниту фестивалот ниту трпезата не се наши. Сепак, мислам дека не му беше удобно, и мило ми е поради тоа. Малку.

Син ми ме има мене. Засега е доволно. Пред сѐ, и јас самата сум необична, па не ми пречат необичностите на луѓето. Луѓето не се како мене. Луѓето немаат разбирање. Кога би можела, би го замолила секој поединечно за разбирање. Луѓето често се однесуваат кон мене како да носам знак на кој пишува: „Јас сум робот. Можам да се справам со се“. Всушност, на мојата табла, онаа вистинската, пишува: „Бидете љубезни. Аспергер е моето презиме. Го изгубив моето“. Кога луѓето би знаеле колку сум желна за љубов, би се фрлиле пред мене да ми ја дадат. Во тоа наоѓам енергија.

Јас сум мајка која понекогаш го гледа исмејувањето на другите деца, децата кои не го ни познаваат него, а јас морам да му кажам дека тоа не е повик од љубов, туку од потсмев. Јас сум мајката која мораше да му каже дека одредена личност не го сака, ниту ќе го сака некогаш. Морав да му го потврдам тоа.

Јас сум таа што досега 100 пати му го скршила срцето со вистини. Јас сум мајката која мораше да му каже дека не е добредојден на една роденденска забава.

„Нека дојде Тарик. Кенан подобро нека се одмори“.

Јас сум таа што сум умрела милион пати досега, а никој не видел. Тој не ни забележа. Живеам за тој да живее во хармонија со овој свет. Да се ​​биде негов пријател е нешто посебно. Го мислам тоа навистина. Неговите погледи кон нештата, светот и луѓето некогаш се како голема филозофија. Тарик го нема тоа. Мојот постар син го нема тоа. Кенан го има во себе. Тоа е забавно и оригинално. Тој вели дека дошол на оваа планета така што ме засакал мене и сега е тука да ме сака мене и луѓето.

„Тоа е мојот живот, мамо!“

Јас на тоа само му велам: „Тука сум!“

Му објаснив дека е посебен. Тој не се вознемири. Му беше драго и рече дека тоа отсекогаш го знаел.

Нашите вистини го обликуваат нашиот живот.

Научив многу со него.

И јас имам Аспергеров синдром. Го дозволив тоа. Оставив боите на неговиот свет да дојдат до мене.

Извинете што се разликуваме. Извинете што се двоиме од другите.

Им благодариме на сите што не прекоруваат, критикуваат или навредуваат. Благодарам на оние што нѐ разбираат.

Ви благодариме за прегратката за прифаќање.

Само бидете таму.

Автор: Едина Хелдиќ/ магистер по психолошки науки, училиштен асистент, мајка на посебно момче

Извор



912

X