Достапни линкови

Големата кашлица „тргна“ од Скопје кон другите градови


Северна Македонија - вакцинација во Скопје, февруари 2024 година
Северна Македонија - вакцинација во Скопје, февруари 2024 година

Ситуацијата со голема кашлица во Скопје се стабилизира, а се појавуваат случаи во градови во внатрешноста што е очекувано, соопштија од Комисијата за заразни болести. Не секоја кашлица е пертусис, бидејќи сега има многу вируси и симптомите се преклопуваат, велат матични лекари

Деветооделенката Марија една недела не оди на училиште, откако прво добила температура, а потоа почнала често и силно да кашла. Родителите ја однеле на лекар, но тој не им препорачал да се тестираат за голема кашлица(пертусис), инфекција поради која на 8 февруари беше прогласена епидемија во Скопје, а на 2 април и во Куманово.

„Температурата ја спуштивме, но кашлицата не помина. Според крвната слика, матичниот лекар смета дека веројатно е вирусна инфекција. Но, стравот од голема кашлица е голем - од триесетина деца во одделение, периодов едвај половина се во училиште. Останатите се болни и седат дома“, вели Билјана Р. мајка на Марија, ученичка во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој се однесува на периодот од 15 март до 21 март, пријавени се 72 нови случаи на голема кашлица. Тоа е зголемување од 67 отсто споредено со претходниот седумдневен период. Најголем дел од случаите се во Скопје, а покрај Куманово и Тетово, има случаи и во Битола, Дебар, Струга....

„Ситуацијата со голема кашлица во Скопје се стабилизира, а се појавуваат случаи во градови во внатрешноста што е очекувано“, информираа од Комисијата за заразни болести.

Возраста на заболените се движи од бебиња до 44 години, но најбројни се деца од 10 до 14 години - односно оние кои одат во училиште. Центарот за јавно здравје - Скопје од почетокот на 2024 година во главниот град потврди 312 случаи на пертусис.

Во Куманово, засега се регистрирани 23 лица со голема кашлица, од кои петмина завршиле на болничко лекување. Заболените се на возраст од 4 до 60 години, потврдија од кумановскиот Центар за јавно здравје. Куманово е под засилен епидемиолошки надзор.

Центарот за јавно здравје -Тетово потврди дека и кај нив се регистрирани двоцифрен број случаи на голема кашлица, но засега нема да се прогласи епидемија.

Во Битола, првиот случај се појавил на 1 март и оттогаш бројот на заболени се зголемил.

„Сега имаме 19 случаи на голема кашлица. Засега ситуацијата е стабилна, нема ширење во градинките и во училиштата, луѓето засилено се тестираат. Со сите мерки, опфатот на вакцинација е доста зголемен“, ни изјави Светлана Поповска Кљусева од Центар за јавно здравје - Битола.

Симптомите на вирусите се слични со голема кашлица

Скопјанката Зорица една недела боледувала заедно со девет годишната ќерка од вирус што, според неа, наликувал на ковид. Кога отишле на преглед, редицата кај матичниот лекар била голема од луѓе со слични симптоми.

„Со саати чекавме за преглед. Многу брзо развивме кашлица и јас и ќерката, но матичниот лекар не упати ако сакаме сами да си направиме тест за голема кашлица, да одиме во приватна лабораторија. Иако децата се вакцинирани, веднаш се согласив. Респираторниот панел не чинеше вкупно 4.500 денари. Во него не беше предвидено и тестирање за ковид, тоа чинеше по околу 3.000 денари од човек. Пет дена бевме со температура, а кашлицата уште не ни е излечена. Една недела по вирусот уште чувствувам изнемоштеност“, вели Зорица за РСЕ.

Во ординациите на матичните лекари главно има пациенти со вирусни инфекции. Меѓу нив се деца на училишна возраст, по и повозрасни граѓани.

„Овој период има многу мешани вируси, симптомите се поклопуваат со голема кашлица. Уште има грип, а после грип се кашла и по месец ипол. Кај пациенти сме изолирале и по два преклопени вируси“, вели д-р Марта Тунџева, матична лекарка од Скопје.

Според Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, „станува збор за вообичаена фреквенција на новодетектирани, заболени во овој период од годината, и тоа не е нешто што треба да загрижува“.

Комисијата за заразни болести не препорача нови мерки

Комисијата за заразни болести се состана на 4 април за да ја разгледа состојбата со пертусис и одлучи да не препорача нови мерки.

На сила остануваат претходните препораки на Комисијата - градинките да не примаат деца кои не примиле три дози вакцина против голема кашлица.

Важи и мерката ревакцината да биде примена во период од шест месеци.

Намален интересот за вакцинација

Вакциналните пунктови во Скопје уште работат и во сабота бидејќи не добиле нови насоки, но интересот за вакцинација спласнува. Ако во првите денови по 8 февруари, денот кога беше прогласена епидемијата,имаше и по 300 аплицирани вакцини дневно, сега имаат по 20-30 деца, најчесто за вакцинирање според редовниот календар.

Во Скопје, по проверката на вакциналните картони, епидемиолозите пронајдоа 15.067 деца со пропуштена вакцина. Oд нив вакцинирани се нешто повеќе од половина, односно 8.243 деца. Од вакцинираните, најголем број примиле прва ревакцина.

На ниво на држава, центрите за јавно здравје регистрираа 7.929 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3.914 деца, пишува во Извештајот на ИЈЗ, со состојба заклучно со 21 март.

Во Северна Македонија опфатот за примарна вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – против жолтица или хепатитис Б (ХепБ), за вакцината против грип или хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), тројната против дифтерија, тетанус и пертусис ( ДиТеПер) и МРП вакцината против морбили, како и против хуман папилома вирусот (ХПВ), која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

За да има колективен имунитет, над 95 отсто од населението треба да е вакцинирано.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.

XS
SM
MD
LG