Спикерското место камен на сопнување, Мицкоски утре седнува на маса со лидерите на „Вреди“

Христијан Мицкоски, Арбен Таравари

Почетната понуда на Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се четири, најмногу пет министерски позиции за влез на „Вреди“ во владината коалиција. Позицијата на „Вреди“ е пет до шест министерства, плус претседател на Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски утре ќе седне на маса со лидерите од коалицијата „Вреди“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши – на преговори за новата влада, потврдуваат за „Слободен печат“ од албанската коалиција. Почетната понуда на Мицкоски се четири, најмногу пет министерски позиции за влез на „Вреди“ во владина коалиција. Позицијата на „Вреди“ е пет до шест министерства, плус претседател на Собранието. По утрешната средба, преговорите за владина коалиција се очекува да ги продолжат по работни групи. Мицкоски веќе доби поддршка од коалицискиоте партнери да ги почне преговорите за состав на идната влада.

Паралелно со преговорите за новата влада, Мицкоски најави и дека работат на окрупнување на парламентарното мнозинство, односно 58-те мандати на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да го зголемат на апсолутно мнозинство од 61 пратеник. Можно е и зголемување на бројот на пратеници и на коалицијата „Вреди“, ако успее да привлече пратеници од конкурентскиот Европски фронт, предводен од ДУИ.

Христијан Мицкоски/ Фото „Слободен печат“, Драган Митрески

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека на „Вреди“ ќе им бидат понудени четири или пет министерства, во зависност од тоа дали владината коалиција ќе биде помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, или ќе им се приклучи и ЗНАМ на Максим Димитриевски. Доколку во новата влада партиципираат повеќе партии се намалува и делот за одделните идни коалициски партнери при поделбата на владиниот колач.

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека интерес на „Вреди“ е да ги добијат ресорите здравство, кој би припаднал на Алијанса на Таравари, вицепремиерското за политички систем, кое би одело кај партијата на Меџити, како и директор на Царина, Алтернатива на Гаши наводно ги пикира економија или образование, а Беса на Касами ресорот култура.

Од партијата на Мицкоски тврдат дека претседател на Собранието ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, зашто имаат 58 пратенички мандати наспроти 13 мандати, кои на изборите ги освои „Вреди“. Во зависност од бројот и тежината на министерствата ќе зависи и распределба на директорски позиции за „Вреди“.

Според информациите, ВМРО-ДПМНЕ и да има промена на ресорите кои би ги добила „Вреди“, тоа во никој случај нема да бидат МВР, финансии и транспорт и врски. Доколку и ЗНАМ влезе во владината коалиција, партијата предводена од Димитриевски би добила едно министерство.

 „Вреди“ инсистира на претседател на Собранието, плус пет-шест министерства

Висок функционер од „Вреди“ за „Слободен печат“ вели дека со една од трите најважни функции во државата ќе раководи Албанец, во случајов претседател на Собранието, бидејќи претседателската и премиерската функција веќе се на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, за ова има расположение кај ВМРО-ДПМНЕ. Покрај спикерското столче во Парламентот, „Вреди“ типува на пет или шест министерства. Оттаму не потврдуваат дали ресорите кои ги споменува ВМРО-ДПМНЕ се нивно барање.

Мицкоски и пред, но и по изборите повтори дека преферира владин партнер да им биде „Вреди“.

Коалиција Вреди Фото: Фејсбук Таравари

– Со резултатот што го направи коалицијата „Вреди“ од 107.000 гласа го потврди својот кредибилитет и може да биде кредибилен партнер во идната влада која ќе ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“, на чело со ВМРО-ДПМНЕ и мене како мандатар – изјави Мицкоски во гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Тој навести дека до 28 мај, кога треба да се конституира Собранието, е можно да се консолидираат со 61 пратеник, зашто имаат такви сигнали од поединци од другите коалиции кои можат да им се приклонат. Така, заедно со „Вреди“, рече Мицкоски, би имале 74 или 75 пратеници.

– Нашата цел е да имаме како влада поддршка од две третини во парламентот. Тоа ни е потребно за да направиме реконструирање во самата влада, во самиот владин кабинет, за да можеме да одговориме на потребите на граѓаните и на новото време. Пред да поченеме да водиме посериозни разговори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ треба да консолидираат 61 пратеник. Дали ќе успееме, не знам, но ќе се обидеме да успееме, ќе дадеме сè од себе. Има најави од голем број нови членови во парламентот кои се подготвени да ги поддржуваат политиките на идната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.

Мицкоски на митинг во Кичево/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Одговарајќи на прашањето дали со ЗНАМ и со Левица би разговарале да бидат дел од владата или да ги поддржат нивните најавени проекти во Собранието, Мицкоски рече дека разговорите би се воделе во два правци, односно би разговарале со сите партии кои се дел од опозицијата, како и со сите пратеници за, како што додаде, визиите и за политиките кои идната влада планира да ги спроведува. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не ја затвораат вратата за членови на парламентот, политички партии кои ќе ги поддржуваат политиките кои се дел од предизборната програма „Платформа 1198“.

– Нашиот сигурен партнер е коалицијата „Вреди“ – рече Мицкоски.

По најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за можно зголемување на парламентраното мнозинство на 61 пратеник, веќе се шпекулира дека тоа се партии кои претходно ги менувале партнерствата во коалициите. Така се споменуваат НСДП и ЛДП кои на изборите настапија во коалиција со СДСМ, но и партии на помалите етнички заедници, кои на изборите настапија со Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Претседателот на НСДП, Горан Мисовски, демантира дека е можно тој и пратеничката Соња Мираковска да преминат во владејачката коалиција.

Горан Мисовски, потпретседател на Собрание на РСМ / Утрински брифинг
Горан Мисовски, потпретседател на Собрание на РСМ / Утрински брифинг

– НСДП си останува во опозиција, а начинот на кој ќе функционираме како опозициска партија ќе одлучат органите на партијата – изјави за „Слободен печат“ Мисовски.

И Бејџан Илјаз од Демократска партија на Турците, која на изборите настапи со Европскиот фронт, демантира дека ќе ја смени страната.

– Доследни сме на договорот за изборен настап со Европскиот фронт. Не е во ред на избори да се оди со една коалиција и постизборно да се смени страната. Немаме контакти ни со ВМРО-ДПМНЕ, ни со „Вреди“, и не размислуваме за такво нешто – ни изјави Илјаз.

ЛДП ќе се изјаснува за постизборното дејствување на партијата

Неофицијално, од ЛДП која на изборите настапи во коалиција со СДСМ, а претседателката Моника Зајкова беше коносителка во „единицата“ со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, не ја исклучуваат можноста централниот одбор кој ќе заседава на 19 мај или на 20 мај, да разговара за постизборното дејствување на партијата. Дали ЛДП ќе дејствува со владината коалиција, можно е да биде тема на Централниот одбор.

СДСМ избори, Фото: Фејсбук СДСМ

Ако ЛДП пресече да се приклони кон власта, интересно е дека освен Зајкова која е идна пратеничка, пратеник може да стане и Боби Мојсовски, за кој партијата подготвува приговор до ДИК, на сметка на идниот пратеник Исмаил Јахоски од ДУИ. Во зависност од одлуката на ДИК, ЛДП може да добие плус пратеник, а Европскиот фронт да остане со 18, наместо со 19 мандати.

Интересно е дека од партнерите на СДСМ, само претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, не се качи на бината кога лидерот Димитар Ковачевски им ја честиташе победата на противниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот