Се уште нема одговори кој е одговорен за поплавата на Токсикологија и зошто клиниката немала осигурување

Колкава е штетата од пополавата на УК за токсикологија која што се случи во петокот? Дали клиниката била осигурана или не? Кој ќе понесе одговорност за низата пропусти кои ги утврдија инспекторатите за труд и здравство? Од Министерството за здравство нема одговори на овие прашања.

Од клиниката пак само кусо одговорија дека формирана е посебна комисија, а проценки допрва ќе се прават.

- Формирана е посебна комисија од Клиниката, со цел утврдување на состојбата и проценка на оштетувањата. Направен е и првичен записник за констатираната состојба. Се прават напори, во текот на утрешниот ден да се одржи вонреден состанок на управниот одбор во однос за проценка на состојбата и активностите што ќе се преземат понатаму. - велат од Токсикологија.

Клиниката со денови е во фокусот на јавноста, откако лекари јавно реагираа против економската директорка Бесија Иљази, за која рекоа дека наместо организација направила дезорганизација на клиниката, ја обвинија дека немала спроведено постапка за осигурување на Клиниката, но и дека саботирала вработувања на биолози, а фаворизирала вработување на, како што рекоа - непотребен кадар на клиниката.

Здравствениот инспекторат по вонредната контрола констатираше дека единаесет лица без важечки договор работеле на клиниката, дел од нив и без соодветно образование, како и дека немало никаква соработка помеѓу двајцата директори, за што издаде решенија за преземање мерки.

Инспекција изврши и инспекторатот за труд од каде информираат дека затекнале 7 лица со неважечки договори, четири административни работници и тројца хигиеничари, со кои клиниката немала засновано работен однос и истите не требало да бидат присутни во установата. За ова трудовиот инспекторат соопшти дека се издадени и прекршочни платни налози за правното и одговорното лице.