Бочварски на средба со жителите на кавадаречко Мрежичко и Рожден, заврши првата фаза од рехабилитацијата на регионалниот пат
24-08-2023 РЕГИОН

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорите на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта, Костадин Ацевски, придружувани од пратениците од Кавадарци, Панчо Минов и Даниела Колева ги посетија Мрежичко и Рожден, каде заврши рехабилитацијата на дел од регионалниот пат кој ги поврзува овие населени места - информираат од Министерството за транспорт и врски.

 

Градежните работи од првата фаза на рехабилитацијата на регионалниот пат од Мрежичко кон Рожден ги изврши ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта.


На средба со локалното население, министерот Бочварски потврди дека и наредната година ќе се обезбедат средства за продолжување на рехабилитацијата на овој регионален пат, а жителите се заблагодарија за поддршката, бидејќи со овој проект се решава едно повеќегодишно барање на локалното население од овој регион.

 

„Тоа што го ветивме заедно со директорите Рустеми и Ацевски, денеска е исполнето. Ме радува што ве гледам во толкав број, нашето присуство денеска тука заедно и со пратениците од Кавадарци е само потврда на нашите цврсти заложби и уште еден доказ дека за нас зборот што го даваме на жителите е врвен приоритет. Свесен сум од колкаво значење е овој патен правец за вас, затоа пристапивме со негова брза реализација. Минатата година го рехабилитиравме и патот кон населеното место Мушов Гроб, со што сметам дека со овие нови патни правци значително ја подобривме безбедноста за патување и го олеснивме вашето секојдневно функционирање. Благодарам за убавиот пречек и посакувам да се гледаме и во наредни прилики за вака убави работи.“ – истакна министерот Бочварски пред присутните граѓани.

 

Од Министерството за транспорт и врски велат дека дополнително, општина Кавадарци добива силна поддршка од централната власт, и потсетуваат дека досега се реализираа реконструкции на повеќе локални улици во градот, а во делот на комуналната инфрастурктура се реализираше многу значаен проект вреден повеќе од 2 милиони евра, со кој се изврши реконструкција на фекална и атмосферска канализација на повеќе улици во Кавадарци.

 

Министерството за транспорт и врски продолжува со силната градежна офанзива низ целата земја, изградбата и модернизацијата на целокупната патна инфраструктура останува примарен фокус и оваа градежна сезона - се наведува во соопшението од МТВ.
 



Share

Додади коментар