Канселувањето на Палестина

07.05.2024 00:30
Канселувањето на Палестина

Април е, а веќе имаме сериозен кандидат за фотографија на годината. Германската полиција на 12 април го затвори Палестинскиот конгрес кој требаше да се одржи во Берлин, а меѓу уапсените беше и Уди Рац, побожен Евреин со црвена јармулка. Од фотографиите и видео снимките од инцидентот на лицата на полицајците јасно се гледа потсмешливата агресија ‒ што потсетува на нивните претходници од 1930-тите ‒ додека го одвлекуваат Евреинот.

Меѓу погодените од тековната борба против антисемитизмот во Германија, многумина се Евреи. Самиот Палестински конгрес беше заедничка иницијатива на берлинската организација „Еврејски глас за праведен мир на Блискиот Исток“ (Jüdische Stimme für Gerechten Frieden in Nahost) и пан-европското политичко движење и партија DiEM25, чија водечка личност е Јанис Варуфакис. Сепак, германското министерство за внатрешни работи му забрани на Варуфакис да влезе во земјата, а му забрани дури и онлајн учество во какви било политички активности во Германија.

Варуфакис сосема оправдано тврди дека со оваа забрана германската влада ја поминала границата на авторитарното однесување. Уште полошо, германскиот политички естаблишмент ‒ вклучувајќи ги зелените и Левицата (Die Linke) го поддржаа потегов, покажувајќи го обемот на новата анти-антиантисемитска култура на канселирање. Слични инциденти се случуваат во САД каде што, на пример, факултетите Hobart и William Smith неодамна ја испратија на административен одмор политичката теоретичарка Џоди Дин, откако таа објави текст во кој го согледала еманципаторскиот потенцијал на нападот на Хамас од 7 октомври. Сепак, Германија претставува екстремен пример за тоа како естаблишментот ја присвои културата на откажување.

За да го отстрани секој сомнеж дека Варуфакис можеби планирал антисемитски говор на Палестинскиот конгрес, едноставно треба да се прочита текстот на говорот. Во него недвосмислено се осудува секој вид антисемитизам и се бара примена на истите стандарди од страна на секој учесник во конфликтот.

CNN на 13 април извести дека „стотици израелски доселеници опкружиле палестински села и нападнале жители долж окупираниот Западен Брег […] откако израелско момче било пронајдено мртво“. Да ги наречеме овие напади со вистинското име: линч. Далеку од нормална полициска истрага, израелските одбранбени сили едноставно дозволиле толпата да ја земе правдата во свои раце. Можеме само да замислиме како би реагирал просветениот Запад ако стотини Палестинци нападнат израелски населби после исчезнување на палестинско момче.

Земете друг случај: израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 18 јануари ја отфрли идејата за палестинска држава и вети дека Израел ќе стави под контрола целиот регион што сега го окупира: „И затоа да бидам јасен дека во било кој нов аранжман во иднина, државата Израел мора да ја контролира целата територија од реката до морето.“ Употребата на изразот „од реката до морето“ од страна на Нетанјаху привлече особено внимание, со право. Кога Палестинците или некој од левицата го користат истиот израз како барање за слободна Палестина (како во популарното скандирање: „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“), десницата лажно тврди дека тие повикуваат на уништување на целиот еврејски народ во Израел.

Во кратки црти, Нетанјаху сега го користи изразот што се прогласува за геноциден кога го користат Палестинците. Формулата „од реката до морето“ претставува она што Израел всушност го прави и планира да го прави, но тоа никогаш јавноне го признава, сè до сега ‒ кога самиот израелски премиер го претвори слоганот во опсценост.

Можам да набројам уште такви примери. Нетанјаху воздушниот напад, во кој беа убиени седум хуманитарни работници во Газа на 2 април, го нарече „трагичен случај во кој нашите сили ненамерно погодиле невините луѓе“. Како тогаш би ја опишал смртта на илјадници палестински деца од страна на израелските сили?

Се руши куќата од карти. Порано Израел барем се претставуваше дека ги почитува двата правила: критика на израелската политика е дозволена, а антисемитизмот не; и бомбардирањето на Газа е насочено кон Хамас, кој самиот ги тероризира обичните Палестинци, а не кон целото население на Газа. Во последно време овие разлики се уриваат. Нетанјаху во интервјуа отворено изјавува дека во случаите кога директниот антисемитизам не е дозволен, неговото место го зазема критиката на Израел. Исто така, многу високи израелски функционери сè поотворено ги изедначуваат Газа и Хамас.

Според зборовите на израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, повеќе од 70% од Израелците ја поддржуваат идејата за „поттикнување доброволна имиграција“, оти „два милиони луѓе [во Газа] секое утро се будат со желба да ја уништат државата Израел“. (Ако е тоа случај, можеби има врска со неселективното израелско бомбардирање на Газа.) Импликацијата е дека сите жители на Газа се легитимни цели ‒ и јасно е дека Западниот Брег е следен.

Со оглед на тоа, аргументот што често се повторува, дека Израел навистина не може да го елиминира Хамас, ја промашува поентата. За Израел вистинската цел на војната е присоединувањето на Газа и Западниот Брег: Голем Израел, од реката до морето. Дотогаш Израел ќе тврди дека Хамас уште е закана, за да го оправда продолжување на воената интервенција.

Сè поголемиот јаз меѓу ставовите на елитите и обичниот свет во западните развиени земји, како и во некои арапски (Египет, Јордан и Мароко, на пример), механизмите на влијание и акциите на владите, веќе не можат да го сокријат фактот дека тие во основа го поддржуваат Израел. Граѓаните на тие земји можат само да протестираат ‒ и сè повеќе да бидат откажани, заплашувани, па дури и уапсени поради бунт.

Ризикот што го гледам е дека народното незадоволство, ако експлодира, може да добие форма на антисемитизам. Затоа постапките како германското откажување на Палестинскиот конгрес треба јасно да се видат: тоа е ново изопачено поглавје во историјата на антисемитизмот.

Карикатури: Ahmad Qaddura

Превод: Н. Г.

Project Syndicate, 23.04.2024.