Постизборни комбинаторики

Стартуваат постизборните математики и преговори за владини коалиции. Мицкоски уште претпладнево одржал состанок со партискиот врв на кој, како што соопшти, ги поставиле контурите за коалицирање со останатите партии.

Економски реформи за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции ,ова порачува Мицкоски ќе бидат трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада.

Ќе успее ли новиот потенцијален мандатар лесно да се договори со Таравари и лидерите на Вреди за нова владина коалиција?

Додека вратата за ДУИ според првичните најави е затворена, од ВМРО ДПМНЕ и денеска повторија дека коалицијата „ВРЕДИ“ останува нивниот посакуван коалициски партнер, но не ја исклучуваат можноста за средби и преговори со претставници и на Левица и ЗНАМ.

Од Левица велат дека досега не добиле покана од Мицкоски да разговараат за коалиција, но додаваат дека со должност кон над 70.000 гласови коишто ги добиле имаат одговорност да прифатат таква средба, но не да разговараат за директорски места туку за економскиот развој и иднината на државата. Покана се уште немаат добиено ниту во ЗНАМ од каде велат дека кога ќе ја добијат тогаш ќе дадат соодветен одговор.  

Огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на двојните избори ѝ обезбезбедува апсолутна власт на партијата предводена од Мицкоски, покрај претседател на државата ја имаат власта на централно и на локално ниво.