Изборите во Македонија ќе ги следат над 900 набљудувачи, странски медиуми и преведувачи

Над 900 набљудувачи, странски новинари и преведувачи ќе ги следат претседателските избори во Македонија, чиј прв круг се одржува утре, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните. Заклучно со 19 арпил, за следење на изборите се акредитирале вкупно 942 набљудувачи и преведувачи од кои 342 домашни и 568 странски.

Најбројни се набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР – вкупно 375, а од домашните, набљудувачите на Здружението за развој на опшествено-социјални иновации „ВАКЕ УП“, односно 182.

Шефицата на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк, неодамна на прес-конференција во Скопје кажа дека согласно препораките на Мисијата, претстојните избори во земјава ќе ги следат зголемен број на набљудувачи поради поклопувањето на двата изборни циклуса.

Изборите во земјава ќе ги следи и делегација од 14 набљудувачи од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од швајцарскиот пратеник Алфред Хер.

Меѓу организациите кои се акредитирани за следење на изборите во Македонија се и Здружението на граѓани ЦИВИЛ-Центар за слобода, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово, Фондацијата Ромите за демократија – Скопје, Националниот демократски институт за надворешни работи, Вашингтон САД – подружница Република Македонија, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка.

Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 32 странски новинари, меѓу кои од агенциите Ројтерс и Франс прес, Еуроњуз Албанија, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џезира Балкан, македонската редакција на Гласот на Америка, „Топ Канал“ Албанија – отсек Косово и други.

Advertisement