Попустите се хероинот на денешниот маркетинг

Според истражувања на Нилсен, преку 80 проценти од попустите не се профитабилни, дури ни краткорочно.  А краткорочното задоволство е главната придобивка заради која се прибегнува кон попусти и промоции. Се добива поголем волумен на продажба ама потоа се паѓа, па по некое време, од немај каде се прибегнува кон нова доза. Исто како со дрогите.

„Попустот на цените е хероинот на денешниот маркетинг.“
Лес Бинет

Зошто е тоа така? Од едноставна причина: кога ќе исфрлите попуст, добивате одреден бустер кој количински ќе ја зголеми продажбата. Меѓутоа, откако акцијата ќе заврши, ве чека долг и болен пад во реалноста во кој мора да пронајдете начин како долгорочно да го одржувате брендот и профитабилноста.

Што обично се прави во таков случај? Во потрага по нов „бустер“, повторно се прибегнува кон попуст или промоција. И така одново и одново. Краткорочно, резултатите од продажбата изгледаат добро пред шефовите, но долгорочно, сте му наштетиле на брендот.

Според анализа на Нилсен, дури 84% од ценовните промоции се непрофитабилни, дури и краткорочно.

„Поголем дел од промотивната продажба всушност е субвенционирање на постоечката продажба. Им давате попусти на луѓето кои и онака би ве купиле. Дел од продажбата само се поместува во времето. Добивате посакувана продажба неделава, на штета на продажбата следната недела,“ објаснува Бинет.

Ова го потврдуваат и истражувања кои велат дека во ценовните промоции најактивни се постоечките купци, односно оние кои би го купиле вашиот производ во некој момент и без да има промоција.

Можно е и да си ја канибализирате продажбата. Ако имате промоција во еден трговски ланец, веројатно ќе ја намалите продажбата во друг.

А што се однесува до нови купци, истражувања велат дека промоциите допираат, во просек, само до 5% потенцијални купци.

Притоа мора да се води сметка дека зголемениот волумен на продажба и маржата одат во спротивни насоки.

По едно сценарио, на 20% попуст на компанија која работи со 30% маржа, волуменот на продажбата треба да се зголеми за дури 200%, за да се биде на “break even” односно „на свое.“

Како и кај вистинската хероинска зависност, излегувањето од оваа зависност од попусти зависи од периодот во кој сте се хранеле со попусти. 

„Почнете да размислувате за долгорочно и планско огласување а не за промоции. Голема е разликата меѓу овие две маркетинг стратегии“, препорачува Бранко Крањчевиќ.

5 април 2024 - 13:18