Штети од поплавите во Студеничани, Кисела Вода и Аеродром
Уништени домови, Поплавени дворови, подруми и гаражи под вода, ова е билансот од вчерашното излевање на Маркова река во село Батинци. Покрај ова село, поплавени беа и делови од село Студеничани, делови од населбата Кисела Вода и дел од населените места од Општина Аеродром.
Ситауцијата на терен е стабилна но жителите на селото Батинци кои сè уште беа видно вознемирени раскажуваа што точно се случувало синоќа.
Граѓаните чии домови беа зафатени од поплавата велат дека сами се труделе да спасат се што можат од надојдената река.
Мештаните обвинуваат дека пред секои избори добиваат само ветувања а потоа се заборавени и оставени сами на себе.
Градоначалникот на Општина Студеничани Азем Садики вели дека за да се спречат вакви поплави во иднина потребно е да се најде решение кое би вклучило уредување на речното користо.
Од Центарот за Управување со кризи повикувајќи се на информации од Управата за хидрометеоролошки работи информираа и дека високи се водостоите на Вардар, Треска, Струмичка река и Лепенец. Оттаму апелираат внимателно движење покрај реките и суводелниците.
Висок е водостојот на река Струмица по целото течение на реката, а пред се поради врнежите во Косово и река Лепенец бележи зголемен водостој во текот на изминатава ноќ и изутринава.
Инаку, во текот на денот ќе се прават и проценки за материјални штети во село Батинци.