Тиквешкиот гроздобер годинава со најголема посетеност
11-09-2023 РЕГИОН

Заврши уште едно издание на стопанско – туристичката и културна манифестација  Тиквешки гроздобер. Три дена во Кавадарци се славеше во чест на грозјето и виното. Годинава,  според организаторот, се случи најмасовната посетеност на оваа манифестација. Гроздоберот кулминираше синоќа со настапот на балканската ѕвезда Лепа Брена. Бројната публика, kоја дојде од целиот регион,  пееше од почеток до крај со Брена, која пак, доаѓа во Кавадарци после триесетина години.

Пред неа настап имаа Дарко Лазиќ и Лина Пејовска.

 

 

На втората гроздоберска вечер публиката ја забавуваа Барбара Ракичевиќ, Марта Станојковиќ, Харис Џиновиќ и Халид Бешлиќ, а првата вечер помина со настапот на изведувачи кои ја анимираа пред се помладата публика, Андријана Јаневска, ДНК, Слаткаристика и Зера.

 

Весело беше и во паркот кај полицијата. Таму за љубителите на скарата, виното и музиката изминативе три дена настапија кавадаречки бендови.

 

Во саботата во рамки на карневалското дефиле се  откина првиот грозд, со што симболично беше најавена бербата на грозјето во најголемиот лозарски регион во Македонија. Исто така се прикажа традиционалното газење на грозјето со нозе. На карневалот настапија маски од Кавадарци, но и од збратимените градови.

 

Вчера се одржа и детски карневал. Учествуваа најмладите од детската градинка и основните училишта. Во рамки на гроздоберот се одржаа традиципналната таблијада и изложба на стари автомобили.

 

А.Д

 



Share

Додади коментар