Лавров со директна порака: Западот применува двојни стандарди за самоопределувањето – дозволено за Албанците, забрането за Словените
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју за рускиот весник „Комерсант“, остро ја разобличи, како што ја нарече, лицемерната и расистичка политика на Западот во однос на правото на народите на самоопределување. Според него, истиот Запад кој едностраното прогласување независност на Косово го прифати без референдум, жестоко се спротивстави на референдумот во Крим, каде мнозинството граѓани гласаше за приклучување кон Русија.
„Не, вие не можете, вие сте Словени, а кај нас се Албанци. Тоа се расистички работи. Никому ништо веќе не му должиме, ќе се однесуваме како што сакаме“, порача Лавров, критикувајќи го западниот пристап кој, според него, ги третира народите различно во зависност од геополитичките интереси.
Лавров потсети дека независноста на Косово не била резултат на волјата на народот, туку на политички инженеринг.
„На Косово не се одржа референдум. Марти Ахтисари, по налог на САД, еднострано прогласи независност. Целосно беше игнориран територијалниот интегритет на тогашна Југославија – иако немаше вистинска закана за албанското население.“
Рускиот шеф на дипломатијата нагласи дека ваквите двојни стандарди ја дискредитираат меѓународната правна рамка, и оти Русија, како светска сила, нема да дозволи нејзините интереси и легитимни постапки да бидат оценувани според политички селективни критериуми на западните земји.
Изјавите на Лавров доаѓаат во контекст на цврстиот став на Русија дека нема да се повлече од териториите во Украина кои, според волјата на народот изразена на референдуми, се приклучија кон Руската Федерација. Москва го брани правото на самоопределување на народите, исто како што го бранеше и кога стануваше збор за Косово – но, за разлика од Западот, не со двојни аршини.
Русија, според Лавров, не се откажува од основниот принцип дека волјата на народот треба да биде над сè – без разлика дали се работи за Косово, Крим или Донбас.