Рубрика: Медицина
Крајот на ковид пандемијата
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 27.05.2023 - 16:15

И така, ден по ден дојдовме до крајот на пандемијата на ковид 19 во светот. СЗО уште на 5.5.2023 официјално прогласи крај на вонредната состојба поради ковид-19 во светски рамки, а ИЈЗ-Скопје, во својот последен извештај од 7.5.2023 практично и кај нас „го прогласи короната за умрено“, цели 3 години откако тоа го направи тогашниот реис-ул-улема, хаџи-Сулејман ефенди Реџепи.

Бројачот на денови во мојот корона-дневник запре при реден број 1 160. Имено толку денови поминаа од првиот (на 4.3.2020) до последниот (на 7.5.2023) ковид-билтен на ИЈЗ-Скопје, од каде ги црпев податоците за анализа на трендовите на македонската епидемија на ковид-19.

Следејќи ја епидемијата упорно и доследно сé до последниот ден, крајот на епидемијата лично ми донесе големо олеснување, како впрочем и на целиот наш народ. Од друга страна, по малку ми е необично што ја прекинувам дневната епидемиска рутина и се враќам во „мирнодопски“ режим на работа. Посакувам така да остане, а за анализи секогаш ќе има широко поле за работа. Речиси нема подрачје од животот коешто не може да се прикаже и анализира низ бројки, па така повремено ќе ги споделувам моите размислувања на разни теми, секако прикажани низ бројки.

Во изминатите три години со читателите заеднички ги следевме сите успони и падови на корона-бројките, сите надежи и разочарувања, сите грижи и олеснувања околу натрупаноста на болниците, напредувањето со вакцинацијата и т.н. Сето тоа остана зад нас и денеска можеме да си честитаме што излеговме живи и здрави од ова големо премрежие, но и да ги споменеме прерано починатите.

Еден ден, во подалечна иднина, со возбуда ќе се присетуваме и ќе им раскажуваме на идните генерации низ што сме поминале. Тие, пак, ќе доаѓаат во контакт со вирусот уште од колевка, ќе прележуваат и ќе стекнуваат природен имунитет безопасно, како што ние сме прележувале грип од најмала возраст. Бевме современици на пандемија што се случува еднаш на сто години, тоа искуство не е мала работа!

Корона вирусот исто така ни покажа дека заразните болести сепак не се решена загатка на науката и медицината, бидејќи нови вируси одвреме-навреме ќе доаѓаат и ќе заминуваат. Дури и деновиве, додека се радуваме на заминувањето на ковидот во историјата (барем како опасна, често и смртоносна болест), слушаме дека во некои региони во светот забрзано започнува да се шири колерата. Туберкулозата повторно избива на прво место меѓу заразните болести во светот (иако кај нас не е многу раширена), а маларијата ендемично ќе вирее веројатно засекогаш.

На полето на науката и имунологијата беше направен неверојатен пробив, така што за рекордно кратко време беше создадена и практично применета, во реални услови, mRNA вакцината против ковид, која ќе го отвори патот и кон создавање вакцина против рак. На тој начин се потврдува корејската мудрост, принципот јинг-јанг, дека во секое добро има по нешто лошо, но и во секое лошо има по нешто добро.

Во тоа име, дојде време да се одјавам и за последен пат, со најновите расположливи бројки да ги споделам епидемиските дијаграми со коишто живеевме полни три години.

Без паника, големиот број на починати на четвртиот дијаграм се дополнително откриените смртни случаи од системот „Мој термин“, коишто Министерството за здравство решило конечно да ги прибере и затвори.

Со сојот „Кракен“ завршивме, а дали и кога ќе пристигне сојот „Артур“ (Арктурус), толку многу отсега не се грижиме. Сите бројки се длабоко во зоната на спорадично заразување, а со доаѓањето на летото можеби ќе се намалат и до нула.

Клучни зборови: