Првите знаци за нормализирање на пазарот може да се забележат во значителното зголемување на понудата на нови, но регистрирани возила во Германија

По ковид кризата, автомобилската индустрија беше погодена од кризата предизвикана од недостигот на чипови, што доведе до намалување на производството кај некои производители, но и до целосно прекинување на производството на некои модели. Благодарение на ваквиот редослед на настани, намаленото производство доведе до поскапи нови возила.

Сепак, според новите извештаи од Германија, на тоа наскоро би можело да му дојде крајот. Иако цените на новите автомобили сè уште не паднале на нивото од претходните години и иако попустите за купување сè уште не се враќаат во овој момент, како што објави центарот за истражување на пазарот CAR на Универзитетот во Дуизбург-Есен во својот редовен месечен извештај, растечкото производство сега ја задоволува рецесиската побарувачка на германските клиенти.

„Прашање на време е кога ќе се вратат попустите што ги знаеме од поранешните времиња“, вели авторот на извештајот, Фердинанд Дуденхофер, додавајќи дека – „Кој планира да купи нов автомобил, има добри шанси да преговара за подобра цена за неколку месеци отколку денес“.

Според CAR центарот, првите знаци за нормализирање на пазарот се гледаат во значително зголемување на понудата на нови, но регистрирани возила во Германија. Овие автомобили не се продаваат како нови, што е еден вид прикриен попуст. Вообичаено, ваквите автомобили се продаваат набргу по регистрацијата со поединечно договорени попусти, заклучува Дуденхофер.

Останува само да почекаме ваквата позитивна клима во однос на цените на новите автомобили да се одрази и на другите пазари, вклучувајќи го и нашиот…