Лекцијата на палестинските новинари

04.05.2024 14:22
Лекцијата на палестинските новинари

Додека влегуваше на сетот на програмата The Daily Show на интервју кај Џон Стјуарт, главната водителка за меѓународни вести на Си Ен Ен, Кристијан Аманпур, ја дочекаа со овации. Снимањето ја означи повторната средба на две медиумски икони на раниот 21 век - две личности кои беа на врвот на популарноста, често со својата остра критика, во раните години на војната против тероризмот.

Публиката во студиото беше повеќе од заинтересирана за ова носталгично патување. Бурно аплаудираа кога Аманпур ѝ се спротивстави на забелешката на Стјуарт дека „се ближи крајот на светот“ и укажа дека помрачувањето на Сонцето, кое се случи непосредно пред снимањето, собра толку многу луѓе „во оваа неверојатно поделена земја“.

Меѓутоа, нештата тргнаа наопаку кога Стјуарт ја праша Аманпур за нејзините колеги од Си Ен Ен: „ За што зборуваат новинарите зад сцената како нивни фрустрации? Што би сакале да видат во извештаите? Како би сакале да се известува за тоа и дали известуваат онака како што мислат дека треба?“

Аманпур се осврна на сегмент од емисијата на Стјуарт пред нејзиното доаѓање, во кој споредуваше како американската влада и мејснстрим медиумите ја прикажуваат руската агресија против Украина (лошо) наспроти прикажувањето на американско-израелската агресија на Палестина (ништо посебно).

Аманпур рече: „Нашиот главен проблем во известувањето за Израел, за Газа, во овој стадиум кој трае веќе шест месеци, е тоа што не можеме да отидеме таму. Ова е ситуација без преседан. Новинарите не се на терен во Газа.“

Стјуарт веднаш ја прекина: „Има новинари на терен. Ги убиваат.“

„Во право си, во право си“, призна Аманпур, „зборувам за независни, западни новинари кои не се во можност да одат таму, или каде било, освен оние кои апсолутно ги ризикуваат своите животи секој ден.“

Набрзо ќе се вратиме на нејзиниот подолг одговор, но прво да видиме што рече. Нејзиното тврдење дека новинарите не се на терен во Газа наиде на оправдан потсмев кај репортерите како Хинд Кудари, која објави фотографија од себеси на терен, со зборовите на Аманпур.

Но дали тврдењето на Кристијан Аманпур дека во Газа нема „независни, западни новинари“ е вистинито? И да и не. Во право е кога вели дека во Газа нема независни новинари, зашто ниеден новинар не е вистински независен - секако, ни самата Аманпур, ни кој било од нас од западните земји кои обезбедуваат пари и бомби за убивање десетици илјади цивили, деца и наши колеги. (Секако не Њујорк Тајмс кој, како што извести Интерсепт, ги инструира своите автори да ја избегнуваат употребата на зборовите „геноцид“, „етничко чистење“ или „окупирани територии“ па дури - „освен во многу ретки случаи“ - и изразот „бегалски кампови“.)

Палестинскиот новинар Хосам Шабат, стациониран (и изгладнет) во северна Газа, одговори на следниот начин: „Не е најголем проблем тоа што западните новинари не можат да влезат, туку фактот дека западните медиуми не ги почитуваат и не ги ценат палестинските новинари. Јас и моите колеги секојдневно ги ризикуваме своите животи за да известуваме за овој геноцид. Никој не ја познава Газа како нас, би требало да овозможите подобро да се слушнат палестинските гласови. Не треба западните новинари да ги раскажуваат нашите приказни; способни сме да известуваме за тоа“.

Шабат (21) годинава би требало да заврши трета година студии. Наместо тоа, како своите колеги од медицинските факултети кои во импровизирани болници ја преземаа улогата на лекари искалени во воена зона, геноцидот го турнал Шабат на првата линија на фронтот.

Аманпур со право мисли дека Шабат не е независен. Неговите објави на социјалните мрежи се полни со мошне субјективни искуства: дека гладува, закопува мртви, се обидува да ги ослободи преживеаните од рушевините, ги храни гладните, собира пари за храна, разговара со деца кои умираат од рак, ги забавува децата (заедно со еден кловн) за Бајрам, на децата им носи облека, ги проколнува „понижувањето“ и насилството на фрлањето пакети со хуманитарна помош од воздух, дистрибуира хуманитарна помош и се обидува да ја пронајде исчезнатата новинарка Бајан Абусултан (која замолче за време на опсадата на Ал Шифа откако беше уверена дека е убиен нејзиниот брат, но тој сепак преживеал).

Додека светот го оплакуваше убиството на шест странски и еден палестински работник на Светската централна кујна, Шабат забележа: „Освен што се занимаваме со новинарство, речиси секој ден готвиме оброци за да ги нахраниме раселените кои се сместени во училиштата на северот од Газа. Од крајно ограничени залихи готвиме и делиме оброци на стотици луѓе секој ден. Ги цениме сите хуманитарни работници кои се убиени додека се обидуваа да ни помогнат, но нашите животи се важни колку и нивните. Нашите животи треба да се ценат и почитуваат исто колку и нивните. Палестинците заслужуваат да бидат оплакувани како и секој друг изгубен живот.“

Не, Шабат сигурно не е ни западен ни независен. Но ова еден од многуте подароци кои палестинските новинари, со голема лична жртва, му ги даваат на светот: ни подаруваат можност да ја согледаме улогата на новинарите на суштински поинаков начин, да видиме како меѓузависноста би можела да биде подобар пристап до нашиот занает од независноста.

Најпосле, новинарството е јавно добро. Можеби не е најдобар начин да му се служи на тоа добро така што, да речеме, некојси Андерсон Купер ќе скокне со падобран по ексклузива додека се преправа дека е независен од она што го трпат локалните новинари, па дури ни локалните новинари не се тркаат едни против други за да објавуваат најнови вести.

Наместо тоа, што ако новинарството би изгледало како во снимката која ја објави Ахмед Ел-Мадхун во декември, кога „група храбри новинари одлучи да остане во Кан Јунис и да известува што се случува и покрај интензивното гранатирање. Сите ние, рака под рака“?

Што ако новинарството, во својот највозвишен облик, би изгледало така што новинарите нема да се преправаат дека кој било од нас е независен, туку прифаќаат дека судбините на „сите нас, рака под рака“ се меѓузависни? Дека од нас бара да работиме заедно за да ѝ ги пренесеме вестите на јавноста и да се грижиме едни за други да бидеме безбедни, нахранети и живи?

Аманпур продолжи да му зборува на Стјуарт за смртта на локалните новинари: „Според Комитетот за заштита на новинарите речиси стотина медиумски работници, новинари, се убиени во Газа, на Западниот брег и во Либан за шест месеци. Тоа е ситуација без преседан. А тоа го надминува ужасот на она што им се случи на тие луѓе и нивните семејства. Се работи за раскажување на приказната за Газа, раскажување на приказната за Палестинците, локалните новинари ќе ви ја раскажат приказната на еден народ. Тоа не се само дехуманизирани бројки или слично, туку луѓе. И кога мораме да ја работиме својата работа, а јас тоа главно го правам уште од првата Заливска војна, одиме таму за да им бидеме очи и уши на сите кои не се таму. Оние кои не се локални. Но не сме во можност да одиме таму.“

На Аманпур треба да ѝ се оддаде признание зашто изрично го обвини Израел зошто луѓето како неа не можат да дојдат во Газа. Но верувам дека греши кога вели дека во Газа нема западни новинари. Некои влегуваат, некои излегуваат и се обидуваат да го споделат она што го виделе со светот.

Додека луѓето кои се само странски новинари не можат да одат во Газа, медицинските работници доаѓаат во смени од две до три недели, заминуваат и настојуваат да го пренесат ужасот што го виделе. Снимаат документарни филмови за Би Би Си. Пишуваат есеи за Њујорк тајмс. Даваат интервјуа за Њујоркер. Се состануваат со претседателот на САД, му ги покажуваат своите фотографии и - откако ќе добијат единствено и навистина ексклузивно интервју со Бајден - известуваат за Ен Би Си Њуз за неговата искрена (отсутна) реакција. Дури и ги отстапуваат фотографиите и видео снимките за емисии како Democracy Now!.

Овие доктори, де факто се западни новинари. Она што имаат да го кажат е моќно и толку контроверзно што на палестинско-британскиот хирург Гасан Абу Сити му е забранет влезот во Германија, за да не ѝ раскаже на германската јавност што видел во Газа (и да ги дополни доказите против германската влада соочена со обвиненија за овозможување на геноцидот пред Меѓународниот суд на правдата).

Западните медиуми имаат долга историја со доктори кои станале новинари, особено телевизиски коментатори. Книгата „Мојата земја: Приказната на докторот“ на Абрахам Вергезе претставува еден од најважните документи за кризата со СИДА-та во руралните делови од САД за која се известуваше непрописно. Но тоа што таквите луѓе всушност се единствените странски дописници во Газа не е само закана за сите новинари како Аманпур, туку е закана за целата претстава за независноста и објективноста на новинарите.

Зашто начинот на кој овие луѓе ги испреплетуваат улогите на лекари, помагачи и известувачи наликува токму на меѓузависниот вид новинарство кој го обликуваа Палестинците и отфрлањето на митот за независноста кој го проектира Аманпур. Не може да се негира дека некој од западот кој шие рани и става раце во телата на пациентите има поинтимно разбирање за она што се случува во геноцидот во Газа, од некој од западот кој само посматра, не гладува и нема медицински вештини.

Што ако таа интимна субјективност не го прави некого помалку новинар, туку повеќе од тоа? Што ако улогата на новинарот не е само да известува, туку да помага?

Стјуарт ја праша Аманпур дали е „американски проблем“ тоа што светот, преку социјалните медиуми и известувањето на Ал Џезира, стекнува поинаква слика за Газа од она што начелно го прикажуваат западните медиуми. Делуваше дури и налутено кога рече дека елиминацијата на Хамас е нереална воена цел за Израел („Што значи тоа, нема да застанеш додека не ги убиеш сите?“) и изнервиран кога Аманпур одговори „На 7-ми октомври Израел беше нападнат, во најлошиот еднодневен масакар во својата историја“ и додаде (исто како што би рекле промоторите на администрацијата на Бајден, Карин Жан-Пјер, Мет Милер или Џон Кирби) „Израел има право да се брани, но... поентата е да се остане во рамките на меѓународното право“.

Стјуарт звучеше навистина исплашено кога зборуваше за лошите реакции што ги очекува и ја праша Аманпур: „Имаш претстава колку срања ќе ми паднат врз глава заради денешнава емисија?“ Ме потсети кога Та-Кахаси Коутс беше искрено загрижен заради своето спротивставување против „израелскиот сегрегационистички режим на апартхејд“ на Democracy Now! во ноември (Се плашам. Се плашам. Се плашам. Знаете, се плашам и сега, додека седам овде и зборувам со вас!“) Помислив на стравот што го чувствувам додека пишувам и зборувам за Газа, што значајно влијаеше на петте работи или договори кои ги имав последниве 15 години.

Верувам дека тоа е случај и со Стјуарт и Коутс - а можам дефинитивно да потврдам за себеси - дека како американски новинари се чувствуваме виновни заради Палестина зашто знаеме дека ужасот што го гледаме се плаќа од нашите даноци. Дури и кога зборуваме за тоа, донекаде се плашиме зашто знаеме дека тоа би можело да ѝ наштети на нашата кариера.

Но еве за што станува збор: тоа ја пробива природата на нашата таканаречена независност и открива колку нашите позиции се субјективни.

Навистина, во екот на даночната сезона не мораме понатаму да бараме за да согледаме колку сме инкриминирани. Ахмед Ел-Мадхун, истиот репортер кој го сними виралното видео со палестинските новинари кои работат „сите заедно, рака под рака“, неодамна објави осудувачко видео. Известуваше од бегалскиот камп Нусиерат (истиот ден Израел гранатираше група новинари, што резултираше со ампутација на ногата на новинарот Самија Шехаде).

Ел-Мадхун во кратерот нашол граната на која пишува „ПРОИЗВЕДЕНО ВО САД“. Тоа е истиот вид граната за чие испраќање во Израел, во количина од 14 000 парчиња, администрацијата на Бајден го заобиколи Конгресот во декември.

„Израел нè убива со американски бомби кои се финансираат од нашите даноци“, напиша Ел-Мадхун кога милиони Американци плаќаа даноци во Вашингтон и додаде дека директно учествуваме во геноцидот.

Ел-Мадхун не е независен западен новинар. Но своите вредни вести им ги пренесува на западните новинари.

Зашто можеби најдобриот начин „да се почитуваат и ценат палестинските новинари“, како што од нас тоа го бара Хосам Шабат, е да не се обидуваме да се вмешаме и да ги раскажуваме палестинските приказни наместо нив. Можеби е најдобро да бараме од САД да престанат да испорачуваат бомби кои ги убиваат нашите колеги, за тие да можат да си ја работат својата работа во мир.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Carlos Latuff

Извор: https://lithub.com/

ОкоБоли главаВицФото