Судбината на Украина во рацете на Западот

04.03.2024 12:45
Судбината на Украина во рацете на Западот

Војната на истокот на Европа влезе во третата година без перспектива дека во догледно време ќе заврши, но со сите изгледи дека ќе продолжи да предизвикува тектонски промени на глобално ниво.

Годишнината од руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година не беше ден за славење. Ниедна страна ниту победува ниту губи. Украина плаќа висока цена на разорувањето на земјата и, како и Русија, трпи човечки жртви што се мерат со десетици, ако не и со стотици илјади загинати.

Иницијативата сега е на страната на Русија. По месеци жестоки борби го зазедоа градот Авдиивка, што е нивниот најголем успех од преземањето на контролата над Бахмут пред девет месеци. Се покажува дека третата година од војната може да биде најтешка за Украинците, на кои им преостанува да веруваат дека нема да пресуши помошта од Западот.

Според толкувања од Киев, Авдиивка не паднала зашто ослабела волјата за одбрана на слободата, туку поради отсуство на воздушна одбрана и муниција. Во ноември една тенковска чета добивала по 300 гранати на секои десет дена. Огнената (не)моќ сега се мери со ограничувања од 10 гранати дневно.

Соочен со заморот на трупите на фронтот долг 1.000 километри, Володимир Зеленски бара мобилизација на уште половина милион војници, но неговата и судбината на земјата се во рацете на Западот. Без итни испораки, тешко дека ќе се запре руското напредување и заземање територии на истокот на Украина, што е една од клучните воени цели на Владимир Путин.

Европската Унија неодамна одобри пакет финансиска помош вреден 50 милијарди евра. Иако дури секој десетти Европеец верува дека Украина може да победи, воените испораки на Киев стануваат долгорочна стратегиска цел.

Проблемот е со Соединетите Држави, најголемиот снабдувач со современо оружје и муниција. Американската администрација успеа во Сенатот, кој е под контрола на демократите, да го провлече законот за помош од 60 милијарди долари, но прашање е дали тоа ќе успее и во Претставничкиот дом, во кој републиканското мнозинство се противи на нови фондови за вооружување на Украина.

Претседателот Џо Бајден ги уверува нервозните сојузници дека Вашингтон функционира, но зошто би му верувале? Тој не е во позиција да гарантира дека ветената помош ќе биде испорачана брзо. Прашан дали е уверен дека дополнителната поддршка ќе стигне пред Украина да изгуби уште територија, тој можеше само кратко да рече: „Не сум“.

Како што покажаа дебатите на безбедносната конференција во Минхен, во истиот хотел во кој Путин во 2007 година предупредуваше дека ширењето на НАТО кон исток претставува закана за Русија, Европејците стравуваат од можноста дека САД, по 75 години заедничка одбранбена стратегија, ќе ги остават осамени.

Уште повеќе стравува Зеленски, кој во Минхен директно им се обраќаше на членовите на Конгресот. Американската помош е неговата последна надеж, а доцнењето на испораките на оружје ќе чини уште многу животи.

– Мислам дека нашите пријатели и партнери доцнат да ги разбудат своите воени индустрии, а ние во текот на 2024 година со сопствените животи ќе платиме за да добие вашата одбранбена индустрија време да го зголеми производството – констатира шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Во изминатите две години војување, конфликтот ги забрза геополитичките поделби на светот, приближувајќи го кон биполарни расколи што потсетуваат на Студената војна. Предизвикана е голема енергетска и прехранбена криза. Сѐ поизолираната Русија под санкции стана зависна од Кина, а поддршката од Пекинг за Москва разбуди грчеви помеѓу Кина и ЕУ.

Агресијата го обнови трансатлантското единство, влијаеше европските членки на НАТО да ги зголемат своите одбранбени буџети, ги турна Финска и Шведска во прегратката на НАТО и ги принуди САД повторно да го зајакнат своето воено присуство во Европа.

Војната предизвика и сериозни разидувања околу ефикасноста на санкциите, начинот и обемот на финансирање на помошта или условите за мир. Не се избегнати поделбите во американската политичка класа, помеѓу САД и сојузниците, помеѓу источните и западните Европејци и внатре во Централна Европа. ЕУ ја покажа ранливоста на сопственото единство и проблемите во врска со идејата за автономна одбрана. Ни Украина не остана имуна на судирите во врвот поради водењето на војната.

Сите тие разлики се во контраст со единството во Русија или барем со претставите на единство, што на Путин му овозможува да ја зајакне својата моќ, па тој само ги чека резултатите од американските избори, надевајќи се дека ќе победи Доналд Трамп. Верува дека републиканецот ќе избегнува преголем ангажман во Украина и дека ќе се врати на дијалогот со Русија. Во тој случај способноста на Украина да преживее како независна, суверена држава би бил под прашање. Како и европската безбедност.

Пред две години Путин очекуваше дека „специјалната воена операција“ нема да трае подолго од неколку недели. Се излажа. Пред една година многумина на Западот проценуваа дека Русија е на работ на стратегиски пораз. Прашањето беше само колку месеци ќе бидат потребни за да бидат потиснати руските сили на граничните линии што постоеја пред 24 февруари 2022 година. Се излажаа.

Денес оптимизмот на Западот е исцрпен. Од очекуваната голема победа амбициите се сведуваат на спречување на колапс на Украина и овозможување да ја продолжи војната, која, според процените на двете страни, би можела да трае и со години.

А мировното решение? Кремљ даде до знаење дека единствениот преговарачки расплет прифатлив за Русија е предавање на Украина, „денацификација“ на режимот, демилитаризација и прифаќање трајно губење на четири источни области, кои Русија нелегално ги анектира во 2022 година.

За Киев тоа е капитулација, па порачуваат дека ќе продолжат да даваат отпор. Мирот не се гледа.

На фотографиите се муралите на мистериозниот уметник  Banksy направени есента 2022 на разни места во Украина, зафатена со војна.

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото