1020 hPa
80 %

0 °C
Скопје - Чет, 10.04.2025 03:14
„Мојата филозофија, господине претседателе, вели дека странците сакаат да нè ограбат, а нашата задача е ние да ги ограбиме нив пред тие да нè ограбат нас“. Со овие зборови тогашниот министер за финансии на САД го уверуваше претседателот дека дошло време да се изведе голем удар врз глобалната економија. Според зборовите на еден од луѓето на претседателот, целта била да се предизвика „контролирано распаѓање на светската економија“.
Тоа не се зборови изговорени од членови на тимот на Трамп пред објавата на новите царински стапки на Денот на ослободувањето. Иако фразата „странците сакаат да нè ограбат“ навистина личи на Трамп, тоа, всушност, се зборови што летото 1971-вата година ги изговори тогашниот министер за финансии Џон Конали, во обид да го убеди претседателот неколку дена подоцна да го започне злогласниот економски удар на Никсон.
Коментаторите треба да го кажат тоа, наместо да се преправаат дека Трамповиот шок-третман е „без преседан“ и да тврдат дека неговиот план мора да пропадне, како и сите други „непромислени“ напади врз владејачкиот поредок. Никсоновиот удар беше поразорен од оној на Трамп, особено за Европа. Токму благодарение на економскиот пад што го предизвикаа, архитектите на Никсоновиот удар ја постигнаа својата главна долгорочна цел: да се осигура дека американската хегемонија ќе опстане и покрај американскиот двоен дефицит (трговски и буџетски).
Успехот на Никсоновиот удар не гарантира дека потезите на Трамп ќе бидат успешни, но нè потсетува дека сè што е добро за американската владејачка класа не мора да биде добро и за поголемиот дел од Американците, па ни за остатокот од светот. Еден од најспособните советници на Никсон, оној што го уверил Конали дека таков шок е неопходен, тоа го кажал сосема јасно:
„Примамливо е пазарот да се гледа како непристрасен арбитар. Но во настојувањето да се одржи рамнотежа помеѓу потребата за стабилен меѓународен систем и нужноста да се зачува слободата на дејствување преку државни политики, бројни земји, вклучително и САД, се определуваат за второво.“
Потоа ја додава реченицата со која ги руши сите претпоставки врз кои западна Европа и Јапонија ги изградија своите повоени економски чуда: „Контролираниот колапс на светската економија е легитимна цел за осумдесеттите години.“
Околу десет месеци по предавањето на кое го изговори тоа, Пол Волкер е поставен за претседател на Федералните резерви. Набрзо потоа каматните стапки во САД се зголемија двојно, а потоа и тројно. Контролираниот колапс на светската економија, кој започна кога Конали и Волкер го убедија претседателот Никсон да се откаже од режимот за стабилен курс, беше довршен со зголемувањето на каматните стапки, што беше многу поразорно од царините што денес ги предлага Трамп.
Значи, Трамп не е првиот претседател што одлучил да изведе економски удар што ќе доведе до контролирано распаѓање на светската економија. Не е ни првиот што намерно ги оштетува американските сојузници за да ја зајакне и продолжи американската хегемонија. Ниту е првиот што покажува подготвеност на кус рок да ги загрози интересите на Волстрит за на долг рок да ја зајакне акумулацијата на капитал во САД. Сето тоа Никсон веќе го направи пред половина век.
Иронијата е во тоа што светот по кој тагува денешниот либерален западен естаблишмент, настана како резултат на ударот на Никсон. Додека ги осудуваат постапките на актуелниот претседател на САД како разорен шок за светската економија, тие жалат за исчезнувањето на светот кој е создаден токму благодарение на подготвеноста на еден друг претседател да предизвика уште поразорен шок Никсоновиот удар на свет ги донесе милениците на денешниот либерален естаблишмент: неолиберализмот, финансијализацијата и глобализацијата.
Главното прашање на тимот на Никсон гласело: како да се зачува позицијата на хегемон откако Америка станала земја со дефицит? Дали постои алтернатива на стегањето на ременот, што носи ризик од рецесија и намалување на американската воена моќ? Единствената алтернатива, претпоставиле тие, е да се направи нешто сосема спротивно: да се зголеми американскиот трговски дефицит и да се натераат странските капиталисти да го финансираат тој дефицит. (Тоа е дел од стратегијата „да ги ограбиме пред тие да нè ограбат нас“ што Конали му ја изложил на Никсон.)
Смелата стратегија со која странците требаше да се натераат да го финансираат двојниот дефицит на САД се потпираше на кружење на капиталот при што странските долари се враќаат во татковината и се рециклираат. Тоа подразбираше ослободување на Волстрит од сите ограничувања наметнати од Њу дилот, воената економија и системот од Бретон Вудс. По четири децении строга контрола на банкарите, за да не се предизвика уште една 1929-та, тимот на Никсон им ги одврза рацете. Но за да се направи тоа, требаше да се понуди нова економска теорија, спакувана во соодветна политичка идеологија.
Под заштита на идеолошките и псевдонаучните маски на неолиберализмот, банкарите добија можност да си играат со милијарди странски долари во новото дерегулирано опкружување: тоа беше финансијализацијата. Колку повеќе новиот светски систем зависеше од дефицитот на САД, кој создаваше неопходна побарувачка за европски и азиски извоз, толку поголем требаше да биде обемот на трговијата за да се стабилизира намерно неизбалансираниот глобализиран систем. Така се роди глобализацијата.
Тој свет – светот во кој порасна генерацијата Икс – некои го нарекуваат неолиберална епоха, други го поврзуваат со глобализацијата, а трети го опишуваат како период на финансијализација. Станува збор за една иста работа – свет создаден од Никсоновиот удар, кој беше до темел разнишан со финансискиот крах од 2008-та година. По спасувачката акција од 2009-та, американската хегемонија опстана, но изгуби голем дел од својот динамизам. Денес, Никсоновиот удар ја губи својата сила – барем од перспектива на трампистите, кои сакаат хегемонијата на САД да ја зајакнат по втор (или трет?) пат. Тоа е суштината на Трамповиот шок и неговиот мастер-план, кој вклучува и тактички потези како промовирањето на криптовалутите.
Сепак, постојат и важни разлики меѓу овие два удари. И двата имаа за цел значајна девалвација на доларот, заедно со зајакнување на неговиот статус како светска резервна валута, но за таа цел беа користени различни средства. Никсоновиот удар се потпираше на препуштање на пазарите на пари сами да го девалвираат доларот и дополнителен шок за американските сојузници преку експлозијата на цените на нафтата – што многу повеќе ја погоди Европа и Јапонија отколку американските производители. Трамп можеби препишува по нешто од сценариото на Никсон кога станува збор за цените на нафтата, но во суштина се обидува преку царини да го постигне истото што Федералните резерви под водство на Волкер го постигнаа преку каматните стапки: да ги искористи како оружје кое ќе им нанесе поголема штета на европските и азиските капиталисти отколку на американските.
Исходот на Трамповиот удар ќе зависи од неговата одржливост и трајност, за што веројатно ќе биде потребна двопартиска поддршка. Никсоновиот удар успеа благодарение на тоа што претседателот Картер го донесе Волкер во Федералните резерви и му дозволи непречено да го продолжи Никсоновиот проект; потоа, претседателот Реган дополнително го интензивираше во 1987-та година со назначувањето на Алан Гринспен за наследник на Волкер. Дали американскиот политички систем сè уште има капацитет за таков степен на заедничко дејствување? Тоа изгледа малку веројатно, но повторно, кој можеше да предвиди дека Бајден ќе ги продолжи Трамповите царини за Кина и ќе ја ескалира Новата студена војна што ја започна неговиот претходник?
И конечно, ако Трамповиот удар биде барем делумно успешен како Никсоновиот, како ќе изгледа нашиот нов свет? Можеби е рано да се зборува за тоа, но неолиберализмот веќе доби конкуренција во форма на технофеудалистичките учења на неореакционерите како Петер Тил. Капиталот сместен во облак го истиснува финансискиот капитал, а божествената улога на пазарот се заменува со светиот грал на трансхуманизмот (спој на капиталот во облак, вештачката интелигенција и биолошката единка). Наскоро под сличен притисок ќе се најде и финансијализацијата. Со понатамошниот развој на вештачката интелигенција, Волстрит нема да може да се спротивстави на спојувањето на капиталот во облак и финансиите, како што покажува амбицијата на Илон Маск да ја претвори социјалната мрежа Икс во „универзална апликација“. Таквиот развој на настаните ќе ѝ го направи на платежната индустрија она што интернетот им го направи на факс-машините – со сериозни последици по финансиската стабилност, вклучувајќи ја и идната улога на Федералните резерви.
Наместо сонот за Глобално село, ќе добиеме Оградена нација. Сепак, повлекувањето на глобализацијата не значи дека автархичноста е можно решение. Трамповиот удар најавува преполовена планета, каде една половина ќе ја сочинуваат вазални држави – оние што потклекнале под Трамповиот удар – а другата половина ќе бидат оние во кои експериментите внатре во БРИКС се оставени да се развиваат по својот тек.
Секоја генерација сака да верува дека се наоѓа во кулминацијата на некоја голема историска пресвртница. Нашата генерација ја има таа зла среќа навистина да се наоѓа таму. Наместо да се фокусираме на карактерот на човекот во Белата куќа, подобро би било да се потсетиме дека Никсоновиот удар беше многу поважен настан од самиот Никсон. Ако Никсон еднаш веќе го преобликува светот, правејќи го полошо и помалку стабилно место, нема сомнеж дека и Трамп е способен да го направи истото.
Карикатури: John McKinley
Извор: https://unherd.com/