Осветен Македонскиот Крст во Драчево, вториот по големина во Македонија

Денес, на големиот празник Цветници, во пресрет на Велигден, беше осветен македонскиот Крст во Драчево, висок 63,5 метри, втор по големина во Македонија. Во присуство на г.г. Стефан кој ја водеше церемонијата на осветувањето, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како инвеститор на објектот, и други видни гости од општествениот, политичкиот и црковниот живот во Македонија, како и огромен број на граѓани, жители на Драчево, се одржа манифестација која за сите присутни ќе остане во трајно сеќавање. 

- Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес- над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога! Осветувањето на овој Македонски Крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој не спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие. Силно верувам дека Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име, е благословен и благодетен. И затоа ова е богатството и заветот што го оставаме за следните генерации-истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски. Додаде дека очекува овој Крст да биде светилиште за сите, мирно место за размислување и молитва, новото збиралиште и центар на Кисела Вода, а можеби и на цело Скопје, од каде ќе одекнува заедништвото, сплотеноста, и љубовта. Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ И Г.Г. Стефан, и на секој поединец, на секоја компанија, на сите кои дадоа свој придонес за изградбата на Македонскиот крст.

 

- Посебно ми е драго што неговото осветување се случува денес, кога го славиме празникот Цветници, во предвечерјето на најголемиот ден за христијаните-Велигден. Празникот кој ја слави победата на животот над смртта и кој на највисок пиедестал ја издигнува верата. Денешниот ден е силен одек за времињата што доаѓаат, за промените што веќе започнаа да се случувaат, за новите историски моменти кои допрва ќе ги испишуваме во историјата на нашата Македонија. Со Божји благослов продолжуваме напред со проекти, со дела кои ќе бидат нашиот потпис и влог во иднината што ја оставаме на следните поколенија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.