Токсикологија: На клиниката влегоа здравствениот и трудов инспекторат

Единаесет лица работеле спротивно на законот, без договор за вработување, а медицинскиот и економскиот директор не ги извршувале соодветно надлежностите од заедничка природа - ова се само дел од неправилностите кои ги утврдил здравствениот инспекторат на Универзитетската клиника за токсикологија, по вчерашниот скандал и обвинувања помеѓу вработените.

Од инспекторатот велат дека издадени се решенија за преземање на мерки и во рок од пет дена повторно ќе следи контрола на клиниката. 

„Здравствени услуги да се укажуваат од страна на здравствените работници и соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствените услуги да ги вршат исклучиво здравствени работници кои имаат образование согласно закон, а медицинскиот и организацискиот директор непречено да ги извршуваат своите должности од самостојна, а особено од заедничка надлежност согласно закон и управниот одбор на клиниката да одлучува во временски рок согласно закон при непотпишување акти на еден од двајцата директори кои се во заедничка надлежност.“ - вели Рената Младеновска директорка на ДЗСИ.

По вчерашниот скандал контрола врз клиниката ќе врши и трудовиот инспекторат. Од министерството за здравство пак нема одговор дали медицинскиот директор на клиниката е веќе разрешен како што беше најавено, ниту дали ќе извршат контрола врз работата на економската директорка. Оттаму денеска соопштија дека ги чекаат извештаите од инспекторатите и откако ќе ги добијат ќе постапат согласно законските прописи. 

- Во текот на вчерашниот ден, Министерството за здравство побара да се спроведе вонреден инспекциски надзор во Универзитетската клиника за токсикологија - Скопје во врска со статусот на 18 ангажирани лица кои добија согласност од Министерството за финансии, со цел да се утврди фактичката состојба. По добиениот извештај од надлежните инспекторати ќе се постапи согласно законските прописи. - велат од Министерство за здравство.

Состојбите на клиниката ескалираа откако група вработени го кренаа гласот против како што тврдат непрофесионалното работење на економската директорка, Бесија Иљази и обвинија дека го саботира вработувањето на стручен кадар, а фаворизира враќање на работа на лица со истечени договори на дело, поради што и токсиколошката лабораторија два месеци не вршела валидација на издадените резултати за пациенти.