Аудиција за обнова и формирање на староградската музичка група „Распеани стружани“

Во сабота 06.04.2024 во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи аудиција за обнова и формирање на пејачката група „Распеани стружани“.

Староградската музичка група „Распеани стружани“, како што соопшти Центарот за култура, била формирана во 1971 година, но по повеќе децениска работа ансамблот престанал со активности.

– Со обновувањето на овој ансамбл, ќе се добие можност да се зачува звукот и духот на струшкото музичко обележје, сценска афирамиција на фестивалите ширум државата и презентирање и доближување на овој автохтон музички израз до струшкото население, стои во информацијата.

Проектот ќе го реализираат уметничкиот раководител Татјана Узуноска Тренеска и стручниот соработник – магистер по хармонија и хармонска анализа Биљана Николоска.

– Од нашите теренски истражувања преку разговорите со некогашните членови на групата, наидовме на голем интерес за возобновување на музичката традиција и колоритниот репертоар, кој оваа староградска група го негуваше и афирмираше како во градот Струга и околината така и ширум државата и странство. Ансамблот „Распеани стружани“ ќе го продолжи традицискиот континуитен на репертоарски содржини интерпретирани и од своите почетоци, информира Центарот за култура.

Како репертоарски содржини планирани се следниве староградски песни: „ Ајде, конче“; „Ај што се убави беќари„; „ Пијан идат„ „На Струга дуќан да имам“..