Бизнис
11. March 2024 - 16:35

Поради пукната цевка блокот со кој работеше РЕК Битола испадна од мрежа

Пукната цевка го расипа единствениот блок на РЕК Битола кој беше во функција. Поради тоа цел ден, комбинатот не произведува струја. Другите два блока не ги пуштале да работат оти поисплатливо било да се купи струја, а на сајтот каде редовно беа објавувани јавните набавки, од декември наваму нема никаков податок од каде и колку струја сме набавиле, но и колку сме платиле за тоа.

Како резултат на направените анализи на пазарот на електрична енергија, направена беше набавка на електрична енергија, со поволни цени кои на АД ЕСМ му овозможуваат намалување на трошоците на работа. Токму поради тоа РЕК Битола планирано работеше само со еден блок. Во текот на вчерашната ноќ, поради пукната цевка, што е честа појава, Блокот со кој работеше РЕК Битола испадна од мрежа“, велат од ЕСМ.

Оттаму најавија дека во текот на денот еден од блоковите ќе биде приклучен, а сите три ќе работат од следната недела.

Реагираше професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски.

„Добрата вест е што барем следните 2-3 дена РЕК „Битола“ нема да произведува загуби за државниот буџет, бидејќи увозната електрична енергија, по цена од околу 72 евра за мегават час е двојно поевтина од енергијата произведена во РЕК Битола со грчки јаглен, најмалку 142 евра мегават. Така стојат работите кога владеат недомаќини и некомпетентни луѓе, кои не знаат да соберат два и два, а обвинителството молчејќи ги штити“, пишува тој на ФБ.

Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, состојбата е катаклизмична.

,Додека директорот хармоникаш се забавува и пее песни на 8-ми март со вработените, за жал неговиот комбинат каде што тој е директор и треба да го управува, наместо да го управува, тој, за жал, имаме информации, основано сомневање дека се занимава со броење провизии и го остави комбинатот без 3-те блока“ – Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Во последните неколку години, ретко кога РЕК Битола работи со полн капацитет. Блокот во кој сега пукна цевка не работеше и пред околу еден месец кога кажаа дека се прават тековни активности за одржување.