Зошто зборувам за „накази и сакати“

24.01.2024 10:29
Зошто зборувам за „накази и сакати“

Зошто зборувам за накази и сакати“, плус киборзи, а не ги користам другите, политички покоректни ознаки од типот инвалиди“, хендикепирани“, неспособни“, дури и онеспособени“ или попречени“? Причините за тоа произлегуваат од мојата пристрасна позиција: бивајќи и самиот инвалидно тело, се решив за погрдните, непримерени термини наказа“ и сакат“ (киборг“ засега не е погрден, иако е амбивалентен) зашто тие ја истакнуваат различноста на оштетеното, неспособното, хендикепираното тело, едновремено го политизираат и создаваат неугода при користењето на таквите термини. Најпосле, звучат попомпезно и попривлечно, ги претвораат некогашните рекламни извици од панаѓурите на накази во стратегија на отпор, додека го нагласуваат на инвалидите добро познатото чувство на зјапање и едновремената привлечност и одбивност на оштетеното, исклучително тело.

Во книгата Необични тела: обликувањето на физичката неспособност во американската култура и книжевност, Розмери Гарланд Томпсон ја анализира употребата на англискиот еквивалент на зборот „сакат“, терминот cripple, на примерот на Ненси Маирс, теоретичарка со инвалидитет. Маирс се решила за политиката на самоименување токму со тој збор, не бегајќи, секако, од анализата на нејзиното погрдно значење, но сметајќи дека токму поради неугодата и навредливата конотација тој збор ја истакнува особеноста на инвалидното тело. Кога го слушаат зборот „сакат“ луѓето се помрднати, и во тоа мрдање се крие и поинаквиот поглед на инвалидното тело со кое се среќаваат: „Сакам да ме видат како жилаво суштество кому судбината / боговите / вирусите не му биле наклонети, но кое умее чесно да се соочи со бруталната вистина на своето постоење.“

Р. Г. Томпсон за таквата употреба на зборот „сакат“ пишува: „Овде Маирс едноставно не го слави терминот кој ја истакнува нејзината другост, ниту се обидува да ја пресврти неговата негативна конотација; попрво се чини дека таа сака да привлече внимание кон материјалната стварност на својата сакатост, на својата телесна различност и на искуството на таа различност. За Маирс, аргументот на општествениот конструктивизам носи ризик да се избрише значењето на нејзината болка и нејзината борба со околината, која е создадена за други тела.“

Општествениот конструктивизам  којшто Р. Г. Томсон го спомнува настанал во рамките на новото и мошне ветувачко академско подрачје развиено последниве триесетина години - студиите за инвалидитет“ (или „студии за попреченост“ /или „онеспособеност/, disability studies). Студиите за инвалидитет се обид да се анализира културниот и историскиот развој на односот на општеството спрема инвалидното тело - регулацијата на неговиот статус, воспоставувањето на нормата за „способно тело“ според која се одредувал степенот на „неспособноста“, општествената положба на неспособните, репрезентацијата на инвалидното тело во културата и уметноста...

Настанат под влијание на постструктуралистичката теорија, особено на Фукоовите критички прикази на општествените институции и на историите на маргинализација на одредени групи, историјата на „раѓањето на клиниката“ и на специјализираните болници за социјално некорисните, општествениот конструктивизам  смета дека „не-способното“ тело е културен конструкт, именување и ставање надвор од општеството, или на општествените маргини, на телото кое е всушност различно и не може да се вклопи во претпоставените норми на способното тело, т.е. она тело кое може да функционира во работата, економијата, религиозните обреди и ритуалите на заедницата.

Меѓутоа, студиите за инвалидитет и со нив поврзаниот активизам на заедниците на инвалиди, не можат себеси да си го допуштат, како што забележува Р. Г. Томсон, потполното прифаќање на флуидноста на идентитетот и релативизмот на културните конструкции, оти така би го занемариле токму она од што почнале - различноста, специфичностите на инвалидното тело со кои тоа ја доведува во прашање главно премолчано востановената норма за „способноста“.

Новите филозофски, социолошки, културолошки и книжевно-теориски пристапи кон темата на оштетеното / несопособното / необичното тело, нудат и нови перспективи кои таквото тело, различно во однос на претпоставената норма, ги носи во културата на нашето време.

Извор:

Маргина #95 

Фотографиите се од филмот Freaks (Тод Браунинг, 1932)

Слични содржини

Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото