logo
logo
logo

САД планираат да воведат забрана за увоз на збогатен ураниум од Русија

Vecer | 30.04.2024

САД планираат да воведат забрана за увоз на збогатен ураниум од Русија

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден има намера да воведе забрана за увоз на збогатен ураниум од Русија, користејќи ги извршните овластувања на шефот на Белата куќа, откако дојде до ќорсокак во усвојувањето на овој закон во американскиот Конгрес.

Како што објави Блумберг, законот за забрана за увоз на збогатен ураниум од Русија беше усвоен во Претставничкиот дом на САД во декември.

Сепак, тогаш дојде до ќорсокак во Сенатот, каде демократите имаат мнозинство. Белата куќа сака забраната да биде усвоена како дел од воведувањето санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина. Советот за национална безбедност и претставниците на Министерството за енергетика разговараа за забраната што ќе вклучува откажување од дозволата за увоз на гориво до 2028 година.

Извршната наредба на претседателот Бајден има речиси иста моќ како федералниот закон. Конгресот не може директно да го поништи, но може да донесе нов закон со кој ќе се поништи наредбата на претседателот. Американската агенција пренесува дека сè уште не е донесена конечна одлука за ова прашање, истакнувајќи дека администрацијата на Бајден и нуклеарната индустрија би сакале ова прашање да се реши на ниво на Конгресот.

Русија е најголемиот американски странски снабдувач со збогатен ураниум, обезбедувајќи речиси 25 отсто од горивото што се користи во американските реактори. Официјалните статистички податоци покажуваат дека САД минатата година увезле руски ураниум во вредност од 1,2 милијарди долари, што е најмногу регистрирано досега, со годишната вредност на пратките на ураниум зголемена за 43 отсто.

Белата куќа го гледа развојот на домашните капацитети за збогатување ураниум како прашање на националната безбедност. Претходно оваа година, Конгресот одобри 2,7 милијарди долари за таа цел, а администрацијата на Бајден повика на долгорочна забрана за увоз од Русија.

САД имаат свои наоѓалишта на ураниум, но тие не се доволни за снабдување на нуклеарниот енергетски сектор во земјата. Во меѓувреме, Русија е дом на најголемиот светски комплекс за збогатување ураниум, кој сочинува речиси половина од глобалниот капацитет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk